Ако сакате да живеете што подолг живот, постојат низа познати стратегии: одржувајте социјални врски, пијте кафе, бидете активни, не пушете, спијте доволно и јадете јаткасти плодови, овошје и зеленчук.
Но, ново истражување укажува на уште еден потенцијално клучен фактор – живот во близина на морскиот брег, пренесува „Science Alert“.
Истражувачите од Универзитетот Охајо Стејт анализираа податоци за 66.263 лица, проучувајќи ја врската меѓу нивниот животен век и местото на живеење во однос на водните површини. Иако претходните студии веќе ги поврзуваа таканаречените „сини простори“ со позитивни ефекти врз здравјето, овој тим се фокусираше исклучиво на долговечноста.
Изненадувачки резултати
Податоците покажаа дека животот во близина на морскиот брег е поврзан со подолг живот. Меѓутоа, прилично изненадувачки, истото не важи за животот во урбаните подрачја во близина на копнени води, како езера или реки. Луѓето во тие подрачја всушност имале тенденција да живеат пократко.
„Генерално, се очекуваше дека жителите на брегот ќе живеат една година или повеќе подолго од просекот од 79 години, додека оние што живееле во урбаните подрачја близу копнени реки и езера најверојатно ќе починат околу 78-годишна возраст“, вели научникот за здравје на околината Џианјонг Ву од Универзитетот „Ohio State“.
Што стои зад оваа поврзаност?
Со оглед на многубројните фактори што влијаат на животниот век, оваа студија не докажува директна причинско-последична врска, но укажува на значајна поврзаност. Истражувачите сугерираат неколку можни објаснувања. Крајбрежните подрачја генерално имаат поумерени температури, подобар квалитет на воздухот и повеќе можности за рекреација во споредба со урбаните подрачја крај копнените води. Исто така, недвижностите покрај морето обично се поскапи, па повисокиот социоекономски статус е веројатно еден од клучните фактори.
Интересно е што животот крај копнените води во руралните подрачја сепак го продолжува очекуваниот животен век, иако не во иста мера како животот крај брегот.
Другата страна на приказната
Кога станува збор за животот крај копнените води во градовите, сликата е значително поинаква. „Загадувањето, сиромаштијата, недостигот од безбедни можности за физичка активност и зголемениот ризик од поплави се веројатните двигатели на овие разлики“, објаснува еколошката географка Јани Као.
Изгледа дека здравствените придобивки од престојот во близина на вода се поништени од недостатоците на животот во град. Ова е уште еден доказ дека природата може позитивно да влијае на нашето здравје, но таа е само дел од поголемата сложувалка што вклучува многу различни фактори.
„Мислевме дека е можно каков било вид син простор да понуди одредени корисни ефекти, и бевме изненадени кога откривме толку значајна и јасна разлика меѓу оние што живеат близу до крајбрежните води и оние што живеат близу до копнените води“, заклучува Ву.