Ако ви е потребно бегство од метежот, туристите и предвидливите летни дестинации – и притоа не се плашите и не бегате од змии – постои место што може да ви понуди сосема поинакво искуство.
Среде Преспанското Езеро, недалеку од Охрид и границите со Грција и Албанија, се наоѓа Голем Град – остров толку необичен што изгледа како да не е од оваа планета.
Познат и како „Остров на змиите“, Голем Град е вистинско мало чудо на природата, но и историска енигма.
Затворен за јавноста сè до 2008 година, овој остров со површина од само 20 хектари со векови бил ненаселен и препуштен на природата.
Денес е заштитен природен резерват и ретка оаза на дивата флора и фауна, каква што тешко може да се најде, не само на Балканот, туку и во цела Европа, пишува „Danas.rs“.
Патописецот и јутјубер Роберт Дацешин неодамна го посети Голем Град и ги сподели своите впечатоци од ова необично место.
„На островот денес живеат околу 7.000 змии рибарки и повеќе од 2.000 поскоци – тоа значи околу 100 змии по хектар“, вели Дацешин.
Покрај нив, своето место под сонцето го нашле и бројни барски желки, птици и ретки растителни видови, па не е чудно што Голем Град е привлечен за истражувачите, биолозите, но и за сите љубопитни авантуристи.
Островот е долг само 750 метри и широк 450 метри, опкружен со карпи и пештери високи до 30 метри. На неговиот врв се наоѓа плато со две ритчиња и остатоци од некогашни градби – вклучувајќи црква што денес е прогласена за споменик на културата.
Археолозите овде пронајдоа траги што укажуваат дека островот бил населен уште во античко време.
До Голем Град нема да стигнете случајно – потребно е со брод да се дојде од селото Коњско, а посетата се препорачува исклучиво со водич. Иако ситуацијата полека се менува и островот станува сè подостапен за туристите, турканици засега нема. Тоа, искрено, е и разбирливо – не е секој подготвен да се соочи со толкава количина змии на толку мал простор.
Токму затоа Голем Град останува таинствена, речиси заборавена точка на картата на Балканот – совршена за оние кои летниот одмор не го замислуваат под чадор за сонце, туку во потрага по приказни што ретко се прераскажуваат.