[ФОТО] Од сиромашно рибарско село до елитно место: Едно од најубавите места во Бокакоторскиот Залив

Точка

04/08/2025

19:43

985

Големина на фонт

а а а

Сместено на само седум километри од центарот на Котор, во срцето на Бокакоторскиот Залив, рибарското село Љута е едно од најубавите места на бреговите на Јадранот.

Неговата препознатлива убавина ја носат куќите изградени исклучиво од бел камен и една улица што ги дели овие градби од самото море. Во ова рибарско село живеат дваесетина жители, но секоја сезона бројот на жители повеќекратно се зголемува.


„Од април до септември овде има доста луѓе, како туристи, така и луѓе што поседуваат куќи тука. Љута за нас, мештаните, но и за оние што доаѓаат и секогаш се враќаат, е вистински рај на земјата. Прекрасни плажи, неверојатен поглед и најубаво зајдисонце. Најмногу ни доаѓаат гости од регионот, од поранешните југословенски републики, но има и странци. Овде е идеално место за семеен одмор“, вели еден од мештаните за Регионалната информативна новинска агенција „RINA“.


Љута е и вистински рај за богатите инвеститори. Екстремно високите цени на недвижностите овде не се новост, а ретко може да се најде некоја, па макар и најмалата, за помалку од половина милион евра. Вила на самото крајбрежје поседуваа Елена и Југослав Кариќ, а се шпекулираше дека таква вила купил и Новак Ѓоковиќ, но таа информација никогаш не беше потврдена.


„Љута некогаш беше сиромашно рибарско село. Познато е и по настанот кога за време на Втората светска војна дел од населбата беше запалена од страна на Германците, а тоа траеше 13 дена. Сепак, селото се издигна од пепелта, семејствата се вратија на изгорените огништа и изградија куќи, па Љута го сочува својот архитектонски изглед“, додава мештанот.


Во централниот дел на населбата Љута, на издигнат и ограден камен, во непосредна близина на морето се наоѓа барокната црква посветена на Свети Петар. Нејзината изградба започнала околу 1700 година, а конечно била завршена во 1780 година. Изградена е од декоративни камени блокови што мештаните морепловци ги носеле од Корчула.