Запознајте го Чонгкинг: скриениот кинески мегалополис со 18,2 милиони жители и архитектура како од научна фантастика.
Речиси никој надвор од Азија не слушнал за Чонгкинг, иако станува збор за град со дури 18,2 милиони жители, што го прави еден од најголемите во светот.
Сместен во централна Кина, Чонгкинг е вистинска урбана енигма – град изграден на планини, на устието на две реки, со архитектура што повеќе наликува на сценографија од научнофантастичен филм отколку на реалност.
Вниманието на оваа „скриена метропола“ го привлече познатиот американски јутјубер и полиглот Арие Смит, кој на интернет се претставува под името „@xiaomanyc“. Зборувајќи на туристичка конференција на „Newsweek“, тој го опиша Чонгкинг како „најголемиот град во светот за кој многумина не слушнале“.
„Изграден е на ридови, што значи дека има сосема неверојатен пејзаж. Луѓето остануваат во шок кога ќе видат дека е речиси трипати поголем од Њујорк, а никогаш не слушнале за него“, рече Смит, кој зборува мандарински и со години живеел во Кина.
Град што пркоси на логиката
Чонгкинг е познат по своите необични сообраќајни и архитектонски решенија. Таму возовите поминуваат низ згради, мостовите лебдат над провалии, а фудбалските игралишта се наоѓаат – на покривите на облакодерите. Градот често се опишува како „8D магичен град“, токму поради неговата сложеност и вертикален изглед.
Позната е и пештерата Хонгја, традиционален кварт врежан во карпа, трансформиран во трговски и културен центар. Чонгкинг се наоѓа на спојот на реките Јангце и Џиалинг и често се користи како појдовна точка за крстарења кон живописниот кањон „Три клисури“.
Според водичот „Lonely Planet“, Чонгкинг е најважниот град во западна Кина и економски мотор на регионот на горниот Јангце. Сепак, неговиот туристички потенцијал штотуку почнува да се открива.
„Како да сте во некој друг свет“
Студија објавена во списанието „Urban Studies“ го опишува Чонгкинг како пример за екстремна вертикална густина. Тоа значи дека просторните недостатоци го принудиле градот да расте нагоре – со мостови, тунели и небодери што самите по себе станале атракција.
„Ова е град што пркоси на класичното урбанистичко планирање. Има импресивна инфраструктура, генијални сообраќајни решенија и архитектура што го одзема здивот. Градот изгледа како да е излезен од научнофантастичен филм. Штом стапнете таму, имате чувство дека сте во некој друг свет“, рече Смит.
Патописите ги следат милиони луѓе
Јутјуберот, кој на интернет споделува повеќејазични и патописни содржини со милиони следбеници, ја истакна важноста на социјалните мрежи за промоција на дестинации што традиционалните туристички водичи често ги заобиколуваат, пренесува „Index“.
„Социјалните мрежи денес имаат голема моќ. Тие можат да станат главно средство за откривање на непознати, но фасцинантни градови како Чонгќинг“, додаде тој.