Иновативната изработка ги прави овие тркала далеку поупотребливи во секојдневното возење, особено во градски услови каде што има многу тротоари.
„Unplugged Performance“, глобално признаен лидер во надградбите за возилата на „Tesla“, го претстави својот најнов производ комерцијализиран под името „UP Forged Road Warrior (UP-RW)“. Станува збор за првото ковано тркало осмислено за иднината на автономната мобилност, вклучувајќи ја флотата на „Tesla Cybercab“ и „Robotaxi“. Новите тркала се достапни и за сите верзии на „Tesla Model 3“ и „Model Y“ и се приспособени за претстојната ера на автономен транспорт.
Издржливост и заштита за секојдневно возење
Она што го прави тркалото „UP-RW“ посебно е заменливиот алуминиумски заштитен прстен („Curb Guard Ring“) кој го штити тркалото од оштетувања при удари во тротоари или дупки на патот. Овој прстен може лесно да се замени без да се вади гумата, а „Unplugged Performance“ нуди и доживотно гарантно заменување во случај на свиткување или пукање на тркалото при нормална употреба.
Компатибилност со стандардните модели на „Tesla“
Тркалото „UP-RW“ е специјално дизајнирано за беспрекорно да се вклопи со фабричките гуми на „Tesla“, со што се избегнуваат дополнителни трошоци. Ова се однесува на моделите „Tesla Model 3“ и „Model Y“ со 19-инчни и 20-инчни тркала кои немаат различни димензии на гумите меѓу оските. Тркалото е достапно во две завршни обработки – „Satin Black“ и „Satin Gunmetal“, кои естетски се вклопуваат со секоја достапна боја на возилото.
Бен Шафер, извршен директор на „Unplugged Performance“, изјави:
„’UP-RW Road Warrior‘ е нашето тркало за ’Robotaxi‘ и воедно најнапредното секојдневно тркало за електрични возила. Тоа е најсилното и најпромислено дизајнирано тркало што сме го произвеле досега. Подготвено е за најтешките услови и носи уникатно чувство на сигурност, бидејќи, со нашата гаранција за издржливост, ова може да бидат последните тркала што некогаш ќе треба да ги купите.“
Аеродинамика за поголема ефикасност
Тркалото „UP-RW“ е развиено со фокус на висока километража и издржливост, идеално за комерцијални корисници, возачи во градски сообраќај и идните автономни флоти. Вградениот кован аеродинамичен диск ги намалува воздушните турбуленции околу тркалото и придонесува за помал отпор на воздухот.
Според резултатите од тестирањето со "CFD" програми за нумерички симулации на струење на воздух, „UP-RW“ речиси целосно одговара на тркалото „Tesla Photon Aero Covered“, кое има најнизок коефициент на отпор на воздух меѓу фабричките тркала на „Tesla“ – разликата е само 0,010 Cd. Благодарение на комбинацијата од аеродинамичен дизајн и лесна кована конструкција од алуминиумска легура, енергетската ефикасност е забележлива и на автопат и во градско возење.
Достапност и цена
Комплет од четири „UP-RW“ тркала моментално е достапен по промотивна цена од 2.595 долари за 19-инчниот сет и 2.995 долари за поголемиот сет тркала. Во цената се вклучени и кованите централни капачиња („Center Caps“) и заштитните прстени „Curb Guard“. Како што стои во соопштението, „Unplugged Performance“ нуди достава ширум светот.