Серија невидени повлекувања на возила од страна на "Ford" – што се случува?

Точка

19/07/2025

20:31

1.719

Големина на фонт

а а а

Годината 2025 ќе остане запаметена во автомобилската индустрија по многу настани, но една приказна го засени речиси сето останато – рекордната серија повлекувања на возила од страна на "Ford" во САД. До средината на јули, овој американски гигант издал дури 90 безбедносни повлекувања, со што веќе го срушил годишниот рекорд за еден производител.

"Ford" издал пет пати повеќе повлекувања од "Stellantis", кој со 18 повици е втор на оваа неславна листа. Вистина е дека дел од проблемите биле решени со едноставна и евтина софтверска надградба, но барем едно повлекување ќе биде сериозен удар по финансиското здравје на компанијата.

Скап дефект кај инјекторите

"Ford" неодамна објави повлекување на моделите "Bronco Sport" (2021 – 2024) и "Escape" (2020 – 2022) со 1.5-литарски турбомотор, како и на моделот "Kuga" на европскиот пазар.

Проблемот се однесува на дефектни горивни инјектори кои може да пукнат, а опфатени се околу 700.000 возила. Иако конкретно решение сè уште не е објавено, во документи поднесени до регулаторите, "Ford" проценува дека само овој дефект ќе ги чини 570 милиони долари, или над 800 долари по возило.


Дополнителен проблем е што ова не е првпат истите модели да се соочат со проблеми кај инјекторите. Во 2022 година беше издаден повик поради истекување гориво, но тогашниот „поправен“ пристап на "Ford" беше контроверзен – наместо замена, инсталираа софтвер кој детектира истекување, го намалува притисокот и пали светло за грешка, со вграден одвод за гориво што го пренасочува подалеку од моторот.

Така поставеното „решение“ привлече внимание од американската Агенција за безбедност во сообраќајот (NHTSA), која отвори истрага и го натера "Ford" на ново повлекување.

Не е јасно дали овојпат "Ford" ќе ги замени дефектните делови или повторно ќе се обиде со некоја алтернатива. Едно е сигурно – овие повлекувања се огромен трошок за компанијата.


Милионски повици поради камери и пумпи за гориво

Иако проблемот со инјекторите е скап, не е најмасовното повлекување на "Ford" годинава. Досега, 16 од вкупно 90 повици опфатиле над 100.000 возила секој.

Овој месец, "Ford" повлече над 850.000 возила поради проблем со пумпа за гориво, вклучувајќи ги моделите "F-150", "Bronco", "Mustang", "Explorer", "Expedition", "Lincoln Aviator" и "Navigator". Сопствениците ќе бидат известени кога ќе биде достапна поправката.

Во мај, повлечени беа речиси 1,1 милион возила (2020 – 2024) поради дефект кај задната камера што може да се „замрзне“ при возење. Подоцна беа додадени уште 200.000 возила (од 2018) со истиот проблем. Среќа за "Ford" – решението е евтино и бара само "OTA" или сервисна софтверска надградба.

Но не се сите проблеми софтверски. Речиси половина милион "Explorer" (2016 и 2017) се повлечени бидејќи декоративни делови од каросеријата може да отпаднат за време на возење – дефект кој не се решава со неколку реда код.