Шефот на "Porsche" ги подготвува вработените: „Ситуацијата сè уште е сериозна“

Точка

19/07/2025

14:24

1.760

Големина на фонт

а а а

Условите во нашето деловно опкружување значително се влошија за кратко време, порача до вработените извршниот директор Оливер Блуме.

Извршниот директор на германскиот производител на спортски автомобили "Porsche", Оливер Блуме, ги подготвува вработените за нов пакет мерки за намалување на трошоците, покажува писмото до вработените во кое имала увид агенцијата "DPA".

„Ситуацијата сè уште е сериозна, автомобилската индустрија се развива мошне динамично“, напиша Блуме во пораката, чии делови беа објавени во петокот.

Во втората половина од годината, претставниците на работодавците и вработените ќе преговараат за втор структурен пакет со цел долгорочно да се обезбедат резултатите на компанијата, најави првиот човек на "Porsche".


Во моментов не е јасно дали новите мерки ќе вклучуваат и дополнително намалување на бројот на работни места.

На почетокот од годината, компанијата најави дека до 2029 година ќе укине 1.900 работни места во регионот Штутгарт.

Сепак, безбедноста на работните места за вработените во "Porsche" е гарантирана до 2030 година. Бидејќи компанијата не може да отпушта од оперативни причини, се потпира на доброволно заминување на вработените.


„Деловниот модел што ја поддржуваше компанијата со децении, повеќе не функционира во својот сегашен облик“, пишува Блуме.

Тој додава дека „условите во нашето деловно опкружување значително се влошија за многу краток временски период“.

Дополнително, електричната мобилност се шири значително побавно отколку што очекувал "Porsche".

„Сето тоа нè погодува сериозно. Повеќе отколку многу други производители на автомобили“, се вели во писмото.


Проблемите се рефлектираат и во деловните резултати на компанијата. Добивката на "Porsche" се намали во текот на 2024 година, а надолниот тренд продолжи и во првите три месеци од оваа година.

Оперативната добивка во периодот од јануари до март изнесувала 760 милиони евра – што е пад од 40,6% во однос на истиот период лани. Приходот е намален за 1,7%, на 8,86 милијарди евра.