Додека популарните дестинации како Ибица и Малта секоја година имаат голем број туристи, едно ново истражување откри европски острови каде што сè уште можете да уживате во тишина, простор и мир – без да се борите за лежалка на плажа или маса во ресторан.
Според истражувањето спроведено од „Бук ритритс“, најтуристички населен европски остров е Малта, со дури 38.700 ноќевања на квадратен километар. Следат шпанските острови, меѓу кои Ланзароте кој е најзафатен со 21.673 ноќевања на квадратен километар, додека Ибица и Форментера имаат околу 17.183. Ниту Тенерифе ниту Гран Канарија не заостануваат многу кога станува збор за бројот на туристи.
Каде да избегате од толпата?
Ако сонувате за одмор без толпа туристи, ова се островите за вас. На самиот врв на листата на најмирни европски острови е Свалбард, архипелаг помеѓу северна Норвешка и Северниот Пол, со просек од само 2,4 туристи на квадратен километар. Со оглед на неговата оддалеченост и студена клима, ова можеби не е изненадување.
Сепак, второто место го зазема вистински скриен бисер – Оланд, автономен регион под администрација на Финска. Со само 269 ноќевања на квадратен километар, овој архипелаг се состои од околу 6.500 острови, од кои само околу шеесет се населени.
Град за вистински одмор
Според препораките на туристичката организација „Висит Финланд“, совршен почеток за обиколка на Оланд е главниот град Мариенхамн, кој локалното население го нарекува „најмалата метропола во светот“.
Тука, посетителите можат да очекуваат дрвени куќи, зелени паркови, Поморскиот музеј, уметнички галерии, како и мали независни кафулиња и ресторани. Патувања со брод помеѓу мирните острови се организираат од Мариенхамн.
Најлесниот начин да стигнете до Оланд е со лет до Хелсинки, а потоа со ферибот до Мариенхамн. Иако климата не е како медитеранската, летните температури во јули и август достигнуваат до 25 степени.
Помирни острови
Ако Оланд или Свалбард не се вашиот прв избор, има уште неколку дестинации за да избегате од толпите како: Готланд, живописен остров покрај брегот на Шведска, познат по својата историја и природа, е на третото место по мир.
Во Грција, се издвојува Хиос, со просек од 353 туристи на квадратен километар, што е значително помалку во споредба со Миконос или Санторини.
Друг тивок грчки бисер е Евија, со 419 туристи на квадратен километар, идеален за оние кои сакаат автентична Грција без толпи.
Конечно, тука е Хидра, член на Саронскиот архипелаг, која нуди медитерански шарм без масовен туризам – како Санторини, но многу порелаксирана.