Со години верувавме дека јаболкото е најздравото овошје.
Но, поради изобилството од витамини, минерали и антиоксиданси, лимонот со право е прогласен за најздраво овошје, пишува "N1" од Словенија. Експертите со години препорачуваат редовна консумација на овошје и зеленчук – не само поради хранливите материи што ги содржат, туку и поради многубројните позитивни ефекти врз целото тело.
Овој пат, научници од американскиот Универзитет Вилијам Патерсон детално истражувале кое овошје носи најмногу здравствени придобивки. На врвот на нивната листа – лимон.
Ова на прв поглед обично, па дури и занемарувано овошје се покажало како вистинска ризница на здравје. Според експертите, лимонот го зајакнува имунитетот, ја подобрува дигестијата, го детоксицира организмот, го подобрува изгледот на кожата и дури помага при слабеење.
Лимонот е вистинско чудо во светот на овошјето, пред сè поради високата концентрација на витамин Ц – еден од најмоќните антиоксиданси кој го штити телото од инфекции и го јакне имунолошкиот систем.
Но, тука не завршуваат неговите вредности. Лимонот е исто така богат со витамини од Б-комплекс, кои се клучни за правилно функционирање на нервниот систем и метаболизмот, како и со минерали како калиум, калциум, магнезиум и железо – неопходни за здраво срце, крвни садови и цврсти коски.
Особено значајна улога имаат и биофлавоноидите, кои дополнително го засилуваат дејството на витамин Ц. И покрај неговиот кисел вкус, лимонот со своето противвоспалително дејство позитивно влијае на киселинско-базната рамнотежа во организмот.
Според истражувачите, секојдневната консумација на лимон може да донесе долгорочни здравствени придобивки. Неговиот сок може да се додава во вода, чај, освежителни пијалаци, салати, а корисен е и во нега на кожата.
Благодарение на своите анти-старечки ефекти и способноста да го стимулира создавањето колаген, лимонот помага во борбата против знаците на стареење – корисен е и одвнатре и како дел од козметичката рутина.
Сепак, и покрај бројните предности, експертите предупредуваат на можни несакани ефекти од прекумерна употреба на лимон. Неговата киселина може да го иритира желудникот, особено кај лица со гастритис или чувствителност на кисела храна. Исто така, може да ја оштети забната глеѓ, што на долг рок може да предизвика чувствителност или појава на кариес.
Заклучокот е дека умерената, секојдневна употреба на лимон како дел од избалансирана исхрана значително придонесува за здравјето, но важно е да ги слушаме сигналите на сопственото тело и да ги избегнуваме можните негативни ефекти.