[ФОТО] Остров среде Европа кој на секои шест месеци ја менува државата: Неговата историја била дефинирана од брутална војна

Точка

09/06/2025

12:42

2.328

Големина на фонт

а а а

Мал остров на границата меѓу Шпанија и Франција, во Баскија, ја менува својата национална припадност на секои шест месеци поради уникатен договор меѓу двете земји, стар три века.

Островот на Фазаните, ненаселено парче земја долго 201 метар на реката Бидасоа, се наоѓа помеѓу шпанскиот град Ирун и францускиот Ондај. Двапати годишно, церемонијата на примопредавање се одбележува со формална воена парада, која произлегува од Пиринејскиот договор.


Овој необичен договор, потпишан на 7 ноември 1659 година, ставил крај на Француско-шпанската војна и го воспоставил пустиот остров како граница меѓу двете нации, ставајќи го овој мал остров под шпанска контрола од 1 февруари до 31 јули, а под француска контрола од 1 август до 31 јануари.


По векови борби за територија и круна, младите кралства Франција, предводени од Луј XIV, и Шпанија, предводена од Филип IV, одлучиле дека цврсто дефинираната граница меѓу нивните земји може да донесе мир.


Границата била официјално прогласена на островот на Фазаните, од каде што сега се протега на исток, следејќи ја реката Бидосоа и преминувајќи ги Пиринеите за да се спои со Средоземното Море околу 640 километри подоцна.



„Кога завршија војните меѓу Франција и Шпанија, тие го задржаа островот како неутрална област. Тоа е мал остров, но потсетник на минатото. Потсетник на војните и потсетник на мирот“, рече Силви Салабери-Мерчије, туристичка службеничка во Ондај, пренесе британски Телеграф.

Монолит со врежан натпис, кој ја опишува историската улога на островот, бил подигнат во средината на ова мало парче земја во знак на признание за духот и соработката на двете земји. Секоја година церемонија на менување знаме двапати годишно се одржува околу ова скапоцено, камено обележје.


Островот е познат како најмалиот кондоминиум (сосопственост) во светот. Исто така, има историско значење како место на средба на францускиот крал Луј XIV и неговата идна сопруга Марија Тереза од Шпанија.


Густо пошумениот остров, иронично без ниту еден фазан, е отворен за јавноста само за време на полугодишните прослави, а само војници повремено престојуваат таму.