Црногорските медиуми објавија дека вчера официјално започнало наплаќањето на влезот во популарното летно одредиште Ада Бојана.
Имено, веста за ова ја објави извршниот директор на ХТП „Улцињска Ривиера“ Арменд Мила. Оваа одлука ќе важи во текот на целата летна сезона, односно до 15 септември.
Мила изјави дека еден час престој на Ада Бојана ќе изнесува едно евро, а дека еден ден престој ќе ги чини туристите 10 евра. Меѓутоа, цената на престојот се зголемува од 1 јули.
„Од 1 јули до 15 септември, цената ќе биде две евра на час до 18 часот, додека од 18 часот до седум часот наутро цената ќе биде едно евро на час. Што се однесува до сопствениците на куќи, секоја куќа има право на две регистарски таблички за две возила, а доколку изнајмат куќи, гостите ќе плаќаат дневна карта во износ од 10 евра“, рече тој.
Како што истакнуваат црногорските и српските медиуми, одлуката за наплата е донесена со цел подобро регулирање на сообраќајот на островот за време на туристичката сезона, но и за подобрување на инфраструктурата и одржувањето на ова подрачје.
Недолго по објавувањето на оваа вест на Инстаграм профилот на „Podgorički vremenoplov“, многумина го изразија своето незадоволство во коментарите, наведувајќи дека одлуката е срамна.