Крајот на суперлигашакта сезона заврши со огромна драма и победа на Еурофарм Пелистер во мечот за титулата кој се одигра во Скопје, но покрај битолскиот тим и Вардар, наредната сезона претенденти за титулата ќе бидат и Алкалоид и Охрид.
Двата клуба покажуваат сериозни амбиции да ги предизвикаат двата најтрофејни тимови во нашата земја, а овогодинешнииот освојувач на Европскиот Куп на ЕХФ денеска соопшти детали за амбициозниот план за наредната сезона.
Ракометниот клуб Алкалоид промовираше дури седум засилувања на стартот на месец јуни, што е јасен показател дека претседателот Живко Мукаетов и тренерот Кирил Лазаров имаат нависитна големи амбиции за тоа што следи.
– РК Алкалоид останува на својата определба и во следната сезона да биде клуб составен во најголем дел од македонски ракометари кои ќе добијат врвни услови за тренинг, ќе работат според професионална програма и ќе имаат простор за напредок преку настапите на домашната и на европската сцена.
– Неколку ракометари со голем потенцијал и за клубот и за сениорската репрезентација на Македонија доаѓаат следната сезона во клубот и заедно почнуваме нова мисија што ќе биде исполнета со предизвици, на клупско и репрезентативно ниво, на домашната и на меѓународната сезона.
– Ненад Костески, репрезентативното десно крило му се приклучува на РК Алкалоид следната сезона. Костески е роден стружанец, има 24 години, добро се познава со новите соиграчи преку репрезентативните настапи, а следната сезона ќе има шанса да игра и покрај својот повозрасен брат, Никола Костески кој е во РК Алкалоид сезонава.
– Емилијан Ѓорговски, големиот македонски потенцијал на левата бековска позиција е наш нов ракометар. Ѓорговски исто така е стружанец, има 22 години и во РК Алкалоид ќе добие вистинска шанса да го покаже целиот свој талент и потенцијал. Беше дел од сите младински репрезентации, а повремено е член и на сениорскиот тим.
– Михаил Аларов, репрезентативниот пивот кој игра одлично и во одбрана и во напад ќе биде дел од составот на РК Алкалоид следната сезона. Аларов својот потенцијал и квалитет го покажуваше низ настапите во македонското првенство и очекуваме многу брзо да се вклопи во системот на игра и сигурно ќе бидe важна алка во РК Алкалоид во сезоната што е пред нас.
– По една сезона мината на калење во екипата на РК Дубочица од Србија, во редовите на РК Алкалоид се враќа десниот бек Михаил Иваноски. Развојот на Иваноски во текот на сезоната беше постојано следен од стручниот тим на РК Алкалоид и сега одново ќе биде дел од нашата екипа.
– Развојната програма на РК Алкалоид како продукт за првиот тим го нуди младиот голман Ѓорѓи Николовски. Николовски е вонсериски талентиран, луциден, пожртвувано работеше во младинските категории на клубот и во екипата на РК Мулти Есенс и целосно ја заслужи шансата да дојде во првиот тим. Тој ќе го комплетира голманското трио во кое се уште и Марко Кизиќ и Иван Галевски.
– Уште еден млад играч во кој РК Алкалоид препознава вонсериски талент доаѓа во нашиот клуб следната сезона. Давид Трајкоски, ракометар од позицијата лево крило ни доаѓа од редовите на РК Прилеп. Беше одличен во младинските категории, има искуство од играње во Суперлига и ќе има шанса да го покаже својот талент и квалитет и во редовите на РК Алкалоид.
– Во редовите на РК Алкалоид на позицијата лев бек за следната сезона е ангажиран и Урош Борзаш, репрезентативец на Србија. Бекот шутер има богато резиме, докажани квалитети и очекуваме брзо да се вклопи во нашиот тим, – гласи објавата на клубот од Автокоманда.