Синер откри како ќе се опоравува од болниот пораз и објасни зошто неговиот татко не бил на трибините во Париз

Дерби

09/06/2025

12:53

225

Големина на фонт

а а а

Јаник Синер пропушти голем број шанси во финалето на Ролан Гарос и не успеа докрај да ја доврши работата, па на крајот мораше да се помири со тежок и најболен пораз во досегашниот тек на кариерата.

Светскиот рекет број еден имаше предност од 2:1 и три меч топки на сервис на Алкарас во четвртиот сет, но откако не искористи ниту една, во продолжение не успеа да биде смирен кога сервираше за титула на Френч Опен.

Од тој момент, мечот се сврте во корист на шпанскиот тенисер и Алкарас ја одбрани титулата во Париз, а иако Синер немаше многу желба за зборување по тешкиот пораз, во продолжение од вечерта мораше да одговара на новинарските прашања.

Синер во неколку наврати на пресот посочи дека веќе ништо не може да промени, но откри дека овој тежок пораз ќе се обиде полесно да го преболи опкружен од своето семејство.

– Тешко е да се каже дали сум целосно горд на тоа што го направив, но среќен сум што можам да играм на вакво високо ниво. Овој пораз боли и нема сомнеж во тоа, конечниот исход е болен за мене. Пропуштив многу шанси и јасно е на што мислев по крајот на финалето (трите пропуштени меч топки).

– Додека сте на теренот, не размислувате на пропуштените шанси, се почнува од нула, секој поен е приказна за себе. Пропуштив меч топки, сервирав за победа, но останав ментално во мечот. Не му подарував поени и доказ за тоа е петтиот сет. Веќе не можам да променам ништо, се надевам дека брзо ќе го избришам овој пораз, – изјави Синер, кој најави дека сега ќе мине период со своето семејство.

– Сега ќе бидам блиску до семејството, со луѓето кои ми се најблиски. Тие ми помагаат во тешки моменти, сега е ред да поминам време со нив. Ќе бидат среќни што ќе се вратам дома. Ние сме едноставно семејство, мојот татко не беше дојден да го гледа финалето бидејќи беше на работа. Ништо не е променето во моето семејство, успехот не не промени. Мило ми е што мојата мајка беше тука, татко ми најверојатно гледал ако завршил со работа. Навистина сум горд на тоа до каде стигнав, бев дел од најдолгото финале во историјата на Ролан Гарос. Тешко е и боли да се загуби, но не можам да плачам. Поразите се составен дел од тенисот, – изјави Синер.