Карлос Алкарас и Јаник Синер вчера се погрижија за вистински тениски класик и одиграа еден од најдобрите мечеви во историјата на тенисот, нешто за што сведочат и најголемите легенди на „белиот спорт“.
Кореча, Куријер, Виландер, Хенман, Бекер и Мекинро останаа во неверица од нивото кое беше понудено во неделното финале на „Филип Шатрие“, а на кое Алкарас ја освои својата втора титула на Ролан Гарос по неверојатен и страшен пресврт.
Мечот кој траеше 5 часа и 29 минути се претвори во најдолго финале во историјата на Френч Опен, но според многумина, веднаш изби при самиот врв на најдобри и најспектакуларни мечеви во историјата на францускиот грен слем.
По завршената битка, двајцата тенисери срдечно и џентлменски си честитаа за понуденото на теренот, меѓутоа рамнодушни не остануваат и тенисерите кои до неодамна беа дел од тенисот.
Рафа Надал меѓу првите им честиташе на Карлос и Јаник, но оригинална порака испрати и Рожер Федерер.
– Има тројца победници во Париз. Карлос Алкарас, Јаник Синер и убавата игра тенисот. Каков меч!, – порача славниот швајцарски маестро.