Луѓето се колнат во овој густ кисел напиток – помага при надуеност, подобро варење на храната, подобрување на имунитетот, може да го направите и сами

Точка

29/05/2025

09:48

1.006

Големина на фонт

а а а

Стрес, исхрана со ниско ниво на растителни влакна, нередовни оброци и недостаток на сон, можат сериозно да ја нарушат работата на вашите црева.

Но, постои нешто едноставно кое може да направи голема разлика, а доаѓа во облик на густ, кисел напиток – кефир.

Што е кефир и зошто е посебен?

Кефирот е ферментиран напиток којшто најчесто се прави од кравјо или козјо млеко, а содржи десеттина видови корисни бактерии и квасец. Сличен е како јогуртот, но е многу помоќен, со повеќе различни пробиотски култури и полесно варење.

Нутриционистите го опишуваат како „јогурт на стероиди“ затоа што содржи повеќе пробиотски соеви, а со самото тоа има помоќен ефект врз цревата. Со други зборови, кефирот може да им помогне на нашите црева повторно да почнат правилно да работат.


Како делува?

Кефирот природно содржи бактерии како што се Lactobacillus i Bifidobacterium кои го поддржуваат растот на микроорганизмите во цревата. Ова може да ја намали надуеноста и гасовите, да го поттикне редовното празнење на цревата, да го подобри варењето на храната и да ја зајакне цревната бариера и имунитетот.

Покрај варењето, сѐ повеќе истражувања здравјето на цревата го поврзуваат и со квалитетот на сонот, расположението, па дури и нивото на енергија.

Новинар на еден британски портал којшто пиел кефир секој ден во текот на еден месец, го опишал чувството како „полн со енергија“, чувство на ситост подолго време и видливо подобар тен по само неколку дена. Иако тоа не е научно докажано, сѐ повеќе луѓе пријавуваат слични ефекти.

Она што е интересно, на многу од луѓето не им се допаѓа кефирот. Текстурата е густа, вкусот е благо-кисел, а мирисот специфичен. Но, кога телото ќе ги почувствува ефектите, една чаша кефир дневно лесно станува навика на која се радуваме.

Како да пиете кефир?

Се препорачува количина 100 до 200 милилитри дневно. Доколку го пиете за варење најдобро е да го консумирате наутро на празен стомак. Доколку повеќе го сакате како ужина, може да го пиете и после оброк.


На што треба да обрнете внимание?

При купување важно е да ја прочитате етикетата, добар кефир треба да содржи само ферментирано млеко и евентуално природни ароми. Избегнувајте производи со дополнителни шеќери и вештачки ароми.

Доколку имате нетолеранција на лактоза или алергија на млеко, изберете кефир без лактоза. Лицата со ослабнат имунитет треба да се консултираат со лекар пред консумирање.

Домашен кефир

Кефирот може да се направи и дома, со многу малку состојки: сѐ што ви е потребно се зрна кефир и млеко. По ферментација од 24 до 48 часа на собна температура, ќе добиете густ напиток богат со пробиотици.