[ВИДЕО] Природата им е болница и аптека: Шимпанзата користат шумска „прва помош“

Точка

20/05/2025

09:11

755

Големина на фонт

а а а

Шимпанзата во Уганда биле снимени како користат лековити растенија, и тоа на повеќе начини, за лекување на отворени рани и други повреди.

За време на истражувањето што следеше по минатогодишното откритие дека шимпанзата свесно бараат и јадат одредени растенија за самолекување, научниците ги следеа и набљудуваа овие животни за да утврдат како се справуваат со повредите.

Научници од Универзитетот во Оксфорд, во соработка со тим од шумата Будонг, снимиле шимпанза како користат растенија како „шумска прва помош“, за себе и повремено за други членови на нивниот вид.

Нивната студија, која вклучуваше анализа на повеќедецениски записи од други истражувачи, беше преведена во каталог на различни начини на кои шимпанзата ги користат природните шумски ресурси за нега и лекување.

Истражувачите велат дека студијата, објавена во списанието „Frontiers in Ecology and Evolution“, дава дополнителни докази дека приматите, вклучувајќи ги шимпанзата, орангутаните и горилите, користат природни лекови на различни начини за одржување на здравјето во дивината.

Водечката истражувачка Елоди Фрајмен објаснува дека постои „цел репертоар на однесувања што шимпанзата ги користат кога се болни или повредени за самолекување и одржување на хигиена“.


„Некои од овие однесувања вклучуваат употреба на растенија што растат овде во шумата. Шимпанзата ги ставаат директно на раните или прво ги џвакаат, а потоа го нанесуваат изџваканиот растителен материјал на отворената рана“ истакна таа.

Истражувачите анализирале снимки од многу млада женка шимпанзо како џвака растенија, а потоа ги нанесува на рана на телото на нејзината мајка.

Тие, исто така, пронашле записи за шимпанза кои ги лекувале раните на други единки со кои не биле во роднинска врска.

Ова, како што објаснува д-р Фрајмен, е особено возбудливо „бидејќи дава дополнителни докази дека шимпанзата во дивината имаат емпатија“.

Некои од стотиците запишани набљудувања што ги проучувале д-р Фрајмен и нејзините колеги доаѓаат од дневниците на теренска станица во шумата Будонгу.

Овој дневник содржи анегдотски податоци што датираат од 1990-тите.

Тоа е книга во која локалните соработници, истражувачи и посетители со години запишувале описи на интересни однесувања на шимпанзата што ги набљудувале.

Во таа книга има и приказни за шимпанза кои ставале лисја на раните и им помагале на другите шимпанза да ги отстранат стапиците од нивните екстремитети. Забележани се и некои зачудувачки хигиенски навики кои наликуваат на човечките.


Еден запис во теренската книга опишува шимпанзо кое користело лисја за да се избрише по вршење голема нужда.

Овој тим истражувачи претходно идентификувал некои од растенијата што шимпанзата свесно ги барале и јаделе кога биле повредени.

Научниците зедоа примероци од овие растенија, ги тестираа и открија дека повеќето од нив имаат антибактериски својства.

Инаку шимпанзата не се единствените големи човеколики мајмуни кои покажуваат познавање на хербалната медицина.

Неодамнешна студија документирала орангутан во дивината кој користел изџвакана растителна материја за лекување на рана на лицето.

Научниците веруваат дека проучувањето на однесувањето на овие мајмуни во дивината, како и подлабокото разбирање на растенијата што ги користат кога се болни или повредени, може да помогне во потрагата по нови лекови.


Д-р Елоди Фрајмен за Би-би-си њуз изјави дека колку повеќе учиме за однесувањето и интелигенцијата на шимпанзата, „толку повеќе сфаќаме колку малку ние луѓето всушност знаеме за природниот свет“.

„Ако некој ме остави овде, во оваа шума, без храна и лекови, се сомневам дека ќе преживеам долго, особено доколку би била повредна или болна“.

„Но, на шимпанзата им се допаѓа тука, бидејќи знаат како да пристапат до тајните на ова место и како да пронајдат сè што им е потребно за да преживеат во нивната околина“.