До неодамна речиси секој тест на автомобил започнуваше со истиот податок – времето на забрзување до 100 km/h. Денес сè повеќе се зборува за придружната електроника, а во фокус влегуваат податоци кои не се директно поврзани со доживувањето при управување со автомобилот.
Сепак, тој еден број со мерна единица секунда со децении е едно од најважните мерила за перформансите на автомобилите. Малкумина знаат дека целата идеја всушност настанала во Соединетите Американски Држави пред речиси 80 години, и тоа благодарение на еден автомобилски новинар.
Човекот кој го измисли „0 – 60“
За популаризацијата на мерењето на забрзувањето заслужен е американскиот новинар Том Меккахил. Тој во средината на 1940-тите во списанието „Mechanix Illustrated“ почнал да објавува тестови на автомобили со едноставен, но многу интересен податок – забрзување од 0 до 60 милји на час („0 – 60 mph“).
Првиот таков тест бил објавен во февруари 1946 година, кога Меккахил тестирал модел на „Ford“. Неговата идеја била едноставна: на читателите да им понуди бројка што е лесна за разбирање и споредување.
Токму затоа „0 – 60 mph“ брзо станал стандард во автомобилските тестови. Податокот бил јасен, лесно споредлив и брзо ја освоил публиката. Автомобилските компании наскоро почнале да го користат и во рекламите, па забрзувањето до 60 милји на час станало подеднакво важно како и максималната брзина.
Други податоци, како времето на четвртина милја или меѓузабрзувањата, останале интересни само за вистинските ентузијасти.

Новинар чии зборови можеле да создадат или уништат автомобил
Меккахил брзо станал една од највлијателните личности во автомобилското новинарство. Неговите текстови биле живописни, често духовити и полни со необични споредби. Автомобилите ги опишувал на начин што им овозможувал на читателите речиси да ги „почувствуваат“ додека читаат.
Бил познат по тоа што никогаш не го криел своето мислење. Кога го тестирал „Dodge“ од 1949 година со менувач „Gyro-Matic“, за кој рекламите тврделе дека е најголемото подобрување во историјата на брендот, Меккахил напишал само една реченица: „Тоа е лош автомобил“.
Неговите критики често биле брутално искрени, но и забавни. Пепелникот на британскиот автомобил „Jowett Javelin“ го опишал како нешто што „изгледа како чашата во која стоматологот ви вели да ги исплукате забите“, пишува „Motor Trend“.
Во време пред појавата на големите автомобилски списанија, неговите зборови можеле сериозно да влијаат врз продажбата на нов модел.

Живот меѓу автомобилите
Том Меккахил е роден во 1907 година во богато семејство во Њујорк. Неговиот татко раководел со локалната филијала на „Mercedes“, па интересните автомобили отсекогаш биле дел од неговиот живот.
Уште на 14 години го добил својот прв автомобил – стар „Winton“. Откако го обновил, набргу го удрил во дрво.
Подоцна работел како продавач на автомобили од марката „Marmon“, а во средината на 1930-тите отворил гаража во Њујорк, а подоцна и уште една во Палм Бич, специјализирана за „Rolls-Royce“ и други луксузни автомобили. Бизнисот пропаднал за време на Големата депресија, па Меккахил се свртел кон пишувањето.
Пишувал статии и приказни за списанија како „Popular Science“ и „The Reader’s Digest“, сè додека не добил идеја да почне да објавува детални тестови на автомобили. Во текот на својата кариера тестирал повеќе од 600 автомобили.

Како ги убедил производителите да ги тестира
На почетокот производителите на автомобили не биле воодушевени од идејата за независни тестови. Некои отворено му рекле дека не им се потребни надворешни мислења бидејќи сами ги тестираат своите автомобили.
Меккахил затоа понекогаш наоѓал креативни решенија. Знаел да се претстави како фотограф и така да позајми автомобил. Откако првите тестови биле објавени и станале популарни меѓу читателите, производителите почнале да соработуваат.
Така Меккахил станал познат како „кралот на автомобилските тестови“, а неговото куче Џо често било гостин на автомобилските настани.

Како „0 – 60 mph“ стана „0 – 100 km/h“
Додека во Америка стандард останало мерењето „0 – 60 mph“, Европа постепено ја презела истата идеја, но ја прилагодила на метричкиот систем.
Бидејќи повеќето европски земји користат метрички систем, а брзиномерите се во km/h, новинарите набргу почнале да користат „0 – 100 km/h“ како еквивалент. Времето на забрзување при тоа е речиси идентично, бидејќи 60 mph всушност изнесува околу 96 km/h, што е многу блиску до 100 km/h.
Затоа европскиот стандард за забрзување станал „0 – 100 km/h“, додека во САД и денес се популарни податоците „0 – 60 mph“.













