Видеото го навестува изгледот на првиот електричен модел од Маранело, наречен „Luce“.
„Ferrari“ првпат во краток видео-тизер го прикажа својот иден електричен модел под името „Ferrari Luce“.
Иако во снимката се гледа само силуетата на автомобилот за време на ноќно возење, тоа беше доволно дополнително да го зголеми интересот за еден од најочекуваните модели во 2026 година.
Видеото открива малку детали – само контури од каросеријата и впечатливи предни светла.
Сепак, се очекува „Luce“ да биде кросовер, нешто помал од моделот „Ferrari Purosangue“, но и понатаму доволно простран за четири патници.
Нов дизајн на ентериерот
Внатрешноста треба да добие целосно редизајнирана контролна табла што ја осмислил Џони Ајв, поранешен дизајнер на компанијата „Apple“ и автор на првите генерации уреди „iPhone“ и „iPad“, пренесува „B92“.
Според достапните најави, покривот ќе биде релативно рамен за да се обезбеди повеќе простор за главите на патниците, додека задното стакло ќе има благ купе-наклон.
Предниот дел изгледа издолжено, слично како кај моделот „Purosangue“, што на автомобилот му дава поспортски изглед.

Моќен електричен погон
Моделот ќе биде развиен на целосно нова механичка платформа што „Ferrari“ ја развил самостојно, со таканаречена структурна батерија која ја намалува масата на возилото. Се очекува автономија поголема од 500 километри.
Погонот би требало да се состои од четири електромотори, по два на секоја оска, со вкупно околу 1.000 коњски сили.
Проценките се дека автомобилот ќе забрзува од 0 до 100 km/h за приближно 2,5 секунди.










