Климатските промени стануваат сериозна закана за здравјето на очите – експертите објаснуваат како и зошто

Точка

05/05/2025

15:22

421

Големина на фонт

а а а

Екстремните горештини и зголеменото УВ-зрачење тивко го оштетуваат видот на милиони луѓе ширум светот, додека климатските промени стануваат сè поголема закана за здравјето на очите.

Индиската земјоделка Алка Камбле со месеци во 2017 година имала заматен вид, но поради долгите работни часови и финансиските потешкотии, не побарала лекарска помош.

„Не можев да си го дозволам тоа, а немав ни време бидејќи морав многу да работам за да преживеам“, изјавила за "Knowable Magazine".

На крајот видела леток за бесплатна офталмолошка амбуланта во близина на нејзиното село во индиската држава Махараштра. Таму ѝ била итно препорачана операција на катаракта, со објаснување дека нејзиниот проблем најверојатно бил предизвикан од долгогодишна изложеност на сончева светлина. По децении работа без очила и заштита, Камбле забележала дека условите за работа на отворено стануваат сè полоши.

„Горештината стана толку неподнослива што земјоделците тешко издржуваат и два часа на нива во лето“, рекла таа.


Од топлотен удар до катаракта

Катарактата, која ја заматува очната леќа, денес погодува околу 94 милиони луѓе ширум светот. Иако стареењето и генетиката имаат значајна улога, сè повеќе се укажува и на растечките температури како ризик-фактор. Во 2024 година беше измерена највисоката просечна температура на површината на Земјата досега. Температури над 40°C можат да предизвикаат топлотен удар кој го нарушува биолошкиот баланс во телото.

Офталмологот Лусија Ечеварија-Лукас од болницата Ла Аксаркија во Малага, Шпанија, објаснува дека топлотниот удар ја ослабува природната одбрана на окото, дозволувајќи на штетните реактивни кислородни честички да ги оштетат кристалните протеини во леќата.

„Се формира заматување што води до катаракта“, додава таа.

Во десетгодишна студија спроведена во јужна Шпанија, објавена во 2024 година во списанието "Environments", Ечеварија-Лукас и нејзини колеги откриле дополнителни 370,8 случаи на катаракта на 100.000 луѓе за секое зголемување од 1°C на максималната просечна годишна температура. Катарактата почесто се јавувала кај лица на возраст од 15 до 49 години во земјоделските региони.

Климатските промени исто така ја зголемуваат изложеноста на ултравиолетово (УВ) зрачење. Ечеварија-Лукас и географот Хосе Марија Сенсијалес Гонзалес од Универзитетот во Малага објаснуваат дека сувите ветрови во области како Јужна Калифорнија и шпанскиот Коста дел Сол ја отстрануваат влагата од воздухот, која инаку би ги апсорбирала УВ зраците. Таа додава дека УВ-зрачењето создава реактивни кислородни честички и ја оштетува ДНК-та на клетките во леќата.


Предупредувања и совети од стручњаците

Влијанието не е ограничено само на катарактата. Ји Линг Вонг, офталмолог од болницата "Manchester Royal Eye Hospital" во Велика Британија и коавтор на истражување од 2024 година во списанието "Journal of Climate Change and Health", вели дека порастот на температурите доведува и до зголемување на случаи на кератитис, птеригиум и коњуктивитис. Истражување од 2023 година спроведено во кинескиот град Урумчи покажа дека температури над 28,7°C го зголемуваат ризикот од коњуктивитис за 16%.

Малик Кахук од Медицинскиот факултет на Универзитетот Колорадо во САД предупредува дека сушите предизвикани од климатските промени ја влошуваат неухранетоста и ги принудуваат луѓето да користат небезбедна вода, што дополнително го зголемува ризикот од оштетување на видот.

Хесус Родриго Комина од Универзитетот во Гранада препорачува носење сончеви очила со заштита од УВ-зраци, капчиња со сенка, контактни леќи што пропуштаат кислород и исхрана богата со хранливи материи.

„Сончевите очила обезбедуваат речиси 38 проценти поголема заштита“, нагласува тој.

На крајот, индиската државна програма за контрола на слепилото ги покрила трошоците за операцијата на Алка Камбле.

„Никогаш не сфатив дека проблемот може да стане толку сериозен поради работа на нива“, вели таа.