[ВИДЕО] Фотографија што го шокираше светот: Најстариот астронаут ја откри вистината

Точка

29/04/2025

21:10

1.590

Големина на фонт

а а а

Фотографија направена неколку моменти по слетувањето на руското летело Сојуз во степите на Казахстан на 20 април 2025 година предизвика изненадување кај јавноста ширум светот.

На неа се гледа целосно исцрпениот Дон Петит, најстариот астронаут на НАСА, како го носат додека тој нема сили ни да ја подигне главата.

Токму тој ден, Петит наполни точно 70 години – па можеби изненадувањето од ваквото исцрпување по вселенска мисија и не е толку неочекувано. Ако на тоа се додаде и податокот дека претходно поминал речиси седум месеци во вселената и бестежинска состојба, сликата станува појасна.

Сепак, Дон Петит на прес-конференција што НАСА ја пренесуваше преку својот "YouTube" канал, конечно објасни што се случувало тогаш и нагласи дека слични проблеми имал и при претходните две враќања од вселената, каде што во текот на трите мисии има поминато вкупно 590 дена.

„Не изгледав баш најдобро затоа што и не се чувствував најдобро. Фотографијата е направена во момент кога го истурав стомакот на отворено во степите на Казахстан – така ќе го објаснам тоа. Среќа што камерите се поставени така што не ни ги буткаат в лице и се пристојни – не снимаат кога правиме такви нешта. Ни даваат малку приватност кога ни е лошо. Никој не сака да биде фотографиран во таква состојба. Не бев среќен патник, но тоа е во склад со тоа како обично се чувствувам при враќање на Земјата“, рече Петит на конференцијата и додаде:

„Го обожавам престојот во вселената. Се чувствувам како да имам повторно 30 години. Инаку, кога спијам дома и ќе се разбудам, вратот ме боли, сум укочен и слично. Сето тоа исчезнува кога само лебдиш во вселената. Телото добива нови способности – нема болка, сè заздравува. Се чувствувам како повторно да сум млад и ослободен од болка, од сè. Затоа ја сакам орбитата – тоа е прекрасно место за мене и мојата физиологија.“

Петит истакна дека има уште неколку години активна служба и се надева дека ќе оствари уште еден или два лета пред да се пензионира.

Дон Петит е роден на 20 април 1955 година. Доктор е по хемиско инженерство, а неговиот изум – шолја за пиење во нулта гравитација – е првиот патент што некогаш е осмислен во вселената. Астронаут на НАСА е од 1996 година. Фотографијата му е хоби, па создаде некои од највпечатливите фотографии од вселената, кои редовно одземаат здив.

Иако моментално е најстариот активен астронаут на НАСА, не е и најстарата личност што била во вселената. Тоа признание сè уште го држи Џон Глен, кој имал 77 години кога патувал во вселената во 1998 година.