Илон Маск: До 2030 година роботите ќе ги надминат и најдобрите човечки хирурзи

Точка

28/04/2025

20:36

473

Големина на фонт

а а а

Основачот на "Tesla", "SpaceX" и "Neuralink", Илон Маск, изјави дека роботите наскоро ќе ги надминат дури и најдобрите човечки хирурзи. Маск го коментираше ова преку социјалната мрежа X, одговарајќи на објава на Марио Навфал, основач на "IBC Group" – инвестициска компанија што вложува во блокчејн проекти и нови технологии.

„Роботите ќе ги надминат добрите човечки хирурзи во рок од неколку години, а најдобрите човечки хирурзи приближно за пет години“, изјави Маск, нагласувајќи го забрзаниот напредок на роботските технологии во медицината.

Тој исто така ја истакна важноста на роботиката за работата на неговата компанија "Neuralink", која развива технологии за поврзување на човечкиот мозок со компјутери.

„"Neuralink" мораше да користи робот за вградување на електроди, бидејќи беше невозможно човек рачно да ја постигне потребната брзина и прецизност“, додаде милијардерот.

Резултатите на "Medtronic"

Марио Навфал, претприемач во областа на криптовалутите и технологијата, се осврна на неодамнешните резултати од тестирањето на роботскиот систем "Hugo', развиен од медицинската компанија "Medtronic". Тестирањата беа спроведени на 137 реални операции, вклучително и операции на простата, бубрези и мочниот меур, а резултатите беа импресивни.

„Резултатите беа подобри отколку кај лекарите“, истакна Навфал, повикувајќи се на извештај објавен од "RTTNews".

Роботот на "Medtronic" постигнал извонредно добри резултати: стапките на компликации биле минимални — само 3,7 проценти при операции на простата, 1,9 проценти при операции на бубрези и 17,9 проценти при операции на мочен меур. Сите овие стапки биле подобри од безбедносните цели поставени по години истражувања.

„Роботот постигна стапка на успех од 98,5 проценти, што е далеку над целта од 85 проценти. Тоа значи дека не само што го помина тестот, туку и постави нов стандард“, изјави Навфал.

Скап метален помошник како дел од медицинскиот тим

И покрај импресивните резултати, Навфал нагласи дека роботите нема веднаш да ги заменат хирурзите, но дека е многу веројатно идните медицински тимови да вклучуваат роботи како „многу скап метален помошник“.

„Од 137 операции, само во два случаи беа потребни класични хируршки интервенции – една поради дефект на роботот, а друга поради специфични компликации кај пациентот“, заклучи Навфал, поставувајќи прашање за тоа колку роботските технологии ќе ја обликуваат медицинската индустрија во наредните години.