Кинескиот технолошки гигант "Xiaomi" го откри својот најамбициозен проект досега — целосно автономна фабрика со површина колку 11 фудбалски терени, што ја симболизира новата ера на производството управувано од вештачка интелигенција.
Кога ќе го слушнете изразот „фабрика во мрак“, можеби ќе замислите дистописки амбиент: машини кои работат во целосен мрак, без присуство на луѓе. Но, во 2025 година, токму ваквиот концепт претставува врв на технолошкиот напредок. Во срцето на овој тренд е "Xiaomi", со својата автономна фабрика од 81.000 квадратни метри, каде секунда по секунда излегува по еден нов паметен телефон.
Оваа т.н. „dark factory“ работи непрекинато 24/7, без ниту еден човек во производниот погон. Сржта на целиот систем е "Hyper Intelligent Manufacturing Platform" (HyperIMP) — платформа базирана на вештачка интелигенција која не само што ја координира целата продукција, туку и самостојно решава проблеми, се адаптира на услови во реално време и континуирано ја оптимизира ефикасноста на процесите.
За разлика од класичната автоматизација, каде машините извршуваат однапред програмирани задачи, системот на "Xiaomi" користи:
• Следење во реално време
• Предиктивни алгоритми за откривање аномалии
• Автоматска корекција без човечка интервенција
Благодарение на оваа технологија, компанијата тврди дека фабриката може годишно да произведе до 10 милиони врвни смартфони.
Но приказната не завршува тука. Ова е дел од пошироката трансформација на кинеската индустрија, која постепено се откажува од моделот на евтина работна сила и преминува на евтина автоматизација. Во 2023 година, Кина инсталирала над 290.000 индустриски роботи, што претставува повеќе од половина од сите вакви инсталации во светот. Цената на работен час за робот сега се движи помеѓу 1,60 и 2,00 долари, додека просечниот фабрички работник заработува околу 5,51 долари на час.
Моделот на "Xiaomi" е составен дел од стратегијата „Made in China 2025“, чија цел е водечка позиција во сектори како "AI", роботика и биотехнологија. Роботите преземаат рутински и повторливи задачи, додека луѓето се преквалификуваат за истражување, развој и техничка поддршка.
Секако, оваа револуција носи и предизвици:
• Потенцијално губење на работни места поради автоматизација
• Безбедносни ризици поврзани со мрежно поврзаните системи
• Прашања за контрола и зависност од вештачка интелигенција
И покрај сето тоа, пораката е јасна: подвигот на "Xiaomi" е само најава за глобалната трансформација на производството. До 2030 година, се предвидува дека "AI' ќе автоматизира околу 30% од сите фабрички задачи ширум светот. Светот навлегува во ерата на производство во мрак, но со јасна визија за иднината, пренесува "YourStory".