Џефри Хинтон, научникот чија работа ја трансформираше областа на вештачката интелигенција и добитник на Нобеловата награда за физика во 2024 година, изјави дека е „помалку среќен“ што има 77 години – бидејќи можеби нема да го дочека моментот кога технологијата што помогнал да се развие ќе покаже потенцијално опасни последици.
Во интервју за "CBS News" емитувано во саботата, Хинтон – познат како „кумот на вештачката интелигенција“ – предупреди дека "AI" напредува многу побрзо отколку што тоа го предвидувале експертите. Тој верува дека, откако еднаш ќе ја надмине човечката интелигенција, човештвото можеби нема да биде во можност да ја спречи да преземе контрола.
„Работите што се поинтелигентни од вас, ќе можат да ве манипулираат“, изјави Хинтон, кој ја доби Нобеловата награда за своите револуционерни откритија во машинското учење. Тој го спореди развојот на "AI" со одгледување тигар: „Тоа е слатко младенче на тигар. Но, освен ако не сте целосно сигурни дека нема да сака да ве убие кога ќе порасне – треба да бидете загрижени.“
Хинтон проценува дека постои „околу 10 до 20 проценти шанса“ вештачката интелигенција на крај да ја преземе контролата – иако нагласува дека е невозможно со сигурност да се предвиди што ќе се случи.
Вештачката интелигенција станува сè поопасна
Една од причините за неговата загриженост е појавата на АИ-агенти, кои не само што одговараат на прашања, туку можат и самостојно да извршуваат задачи. „Работите станаа, ако ништо друго, уште пострашни од порано“, нагласува Хинтон.
Дополнително, временската рамка за појава на суперинтелигентна вештачка интелигенција може да биде покуса отколку што се претпоставуваше. Пред една година, Хинтон веруваше дека ќе бидат потребни од 5 до 20 години за да се развие "AI" што може да ја надмине човечката интелигенција во сите области. Сега вели дека „постои голема веројатност тоа да се случи за 10 години или помалку“.
Хинтон, исто така, предупредува дека глобалната трка помеѓу технолошките компании и нации ја прави „многу, многу малку веројатна“ можноста човештвото да се воздржи од создавање суперинтелигенција. „Сите трчаат по следната сјајна работа“, вели тој. „Прашањето е – можеме ли да ја дизајнираме така што никогаш нема да посака да преземе контрола?“
Разочараност од технолошките гиганти
Научникот изрази разочараност од технолошките компании кои некогаш ги почитувал. Изјави дека е „многу разочаран“ што "Google" – каде што работел повеќе од една деценија – го променил својот став против воена примена на вештачката интелигенција.
„Не би бил среќен да работам денеска за ниту една од нив“, додаде Хинтон, кој поднесе оставка во "Google" во 2023 година. Објасни дека заминал за да може слободно да зборува за опасностите од развојот на вештачката интелигенција.
Развојот на "AI" претставува еден од најголемите предизвици со кои се соочува човештвото, а предупредувањата од експерти како Хинтон не смеат да се игнорираат. Прашањето не е дали ќе дојде суперинтелигенцијата – туку како ќе управуваме со нејзиниот развој додека сè уште имаме контрола.