Први во светот: Јапонците тврдат дека создале дрон што може да ги насочува ударите на громови

Точка

04/05/2025

10:31

4.435

Големина на фонт

а а а

Насочување на громови далеку од инфраструктурата и населените места – тоа е технолошки подвиг кој, според тврдењата на јапонски научници, веќе е возможен преку специјален дрон што привлекува и пренасочува удари на гром.

Јапонската телекомуникациска компанија "Nippon Telegraph and Telephone" (NTT) тврди дека го развила првиот дрон во светот што може да привлече и издржи директен удар од гром, а притоа да остане во воздух. Иако технологијата сè уште не е рецензирана во научни списанија, компанијата истакнува дека нивната иновација потенцијално би можела да ја заштити инфраструктурата од оштетувања предизвикани од бури во иднина.

Тестирање под облаци со грмежи

На 13 декември 2024 година, "NTT" го спроведе она што го опиша како успешно теренско тестирање во планинскиот регион на префектурата Шимане во Јапонија. Додека се приближувала бура, дронот се издигнал на висина од 300 метри, влечејќи зад себе спроводлива жица поврзана со прекинувач на земја. Со активирање на прекинувачот, електричниот напон поминал низ жицата и го заземјил дронот, зголемувајќи го електричното поле околу него. Според тврдењата на "NTT", токму тоа предизвикало директен удар од гром во леталото.

И покрај оштетувањата на надворешната обвивка, компанијата наведува дека дронот успеал да остане во воздухот. За да се заштити од внатрешни оштетувања од висок напон, дронот бил обложен со метален Фарадеев кафез, кој ја води струјата околу дронот и ги намалува електромагнетните пречки. Во лабораториски услови, оваа заштита му овозможила на дронот да издржи вештачки удари од гром пет пати посилни од природните.


Споредба со други технологии

Постојат и други методи за контролирање на молњи, како што е употреба на ласер, предложена уште во 1974 година, но успешно демонстрирана дури неодамна. Додека ласерот може да ги пренасочи ударите далеку од осетливи објекти, дронот мора да издржи директен удар, што бара многу напредна заштита.

"NTT" планира да ги користи овие дронови за заштита на урбани средини и луѓе – предвидувајќи места склони на грмежи, активирајќи удари и безбедно пренасочувајќи ги подалеку, се наведува во соопштението на компанијата.


Можност за искористување на енергијата од молњи

"NTT" исто така разгледува можност дроновите да се користат и за собирање на електрична енергија од молњи. Сепак, идејата засега останува спекулативна, бидејќи не постојат батерии што можат безбедно да складираат толку голема количина енергија. Некои експерти и порано ја имаат наречено оваа замисла „безнадежна“.

Тропските региони веќе се изложени на чести удари на громови, а истражувањата укажуваат дека климатските промени и загадувањето можат дополнително да го зголемат ризикот во иднина.