Моментот од многу криптоентузијасти се плашеа конечно пристигна – рударењето на биткоин веќе не е исплатливо.
Рударењето е процес во кој компјутери, најчесто со графички процесори со висока потрошувачка, потврдуваат трансакции на блокчејн мрежата преку механизамот на „доказ за работа“ (proof of work). За возврат, рударите добиваат одредена количина биткоини, пропорционална на вложената компјутерска моќ.
Овој модел беше профитабилен уште од појавата на биткоинот во 2009 година, бидејќи вредноста на биткоинот беше повисока од трошоците за електрична енергија потребна за рударење. Но, со системското намалување на бројот на нови биткоини кои влегуваат во оптек – ограничен на максимум од 21 милион – и со сè поголема конкуренција, економската пресметка станува сè понеисплатлива.
Рударењето на биткоин сега е поскапо од неговата пазарна вредност
И покрај тоа што еден биткоин моментално се продава за околу 94.000 долари, најновите проценки на порталот "Gizmodo" покажуваат дека трошокот за негово добивање кај малите рудари надминува 137.000 долари. Дури и кај големите рударски системи со оптимизирана инфраструктура, трошокот е околу 82.000 долари, што значи дека маржите се минимални и постојано опаѓаат.
За споредба, во септември 2024 година рударењето на еден биткоин чинеше околу 56.000 долари. За помалку од една година, трошоците речиси се удвоија, што го потврдува забрзаното уривање на исплатливоста.
Криптовалута за сите? Не баш
Биткоинот некогаш се славеше како децентрализирана алтернатива на банкарскиот систем, но денес е високо концентриран во рацете на мал број сопственици.
Според достапните податоци, 8% од дигиталните паричници држат над 98% од сите биткоини, додека само 1% од корисниците контролираат повеќе од 90% од вкупната понуда. Идеалот за рамномерна дистрибуција го замени реалноста – криптоекосистем што наликува на традиционалните финансии, но со уште помалку регулација.
Технички, биткоинот го одржува децентрализирана мрежа, но во пракса, клучните одлуки се концентрирани меѓу девелопери, големи рудари и институционални инвеститори – група чие влијание произлегува од пристапот до капитал и технолошка инфраструктура.
Енергетски џин кој најмногу им користи на најбогатите
Комбинацијата од огромна потрошувачка на енергија, високи трошоци за рударење и екстремна концентрација на сопственоста, го претвори биткоинот – како што наведуваат авторите на анализата – во енергетски неефикасен инструмент кој им користи првенствено на најбогатите.
Замислен како демократска финансиска алатка, биткоинот денес функционира како уште еден шпекулативен механизам во кој профитираат најмоќните, а сметките за струја ги плаќаат сите други.