"Apple" беше една од најголемите жртви на царините воведени од Трамп. Сега компанијата има план за намалување на зависноста од Кина.
Досегашниот стил на владеење на Доналд Трамп, обележан со хаотично и агресивно носење одлуки, создава постојана неизвесност. Тешко е, речиси невозможно, да се предвиди што ќе му падне на ум следниот ден или со каква одлука би можел да ја шокира американската и светската јавност. Доволно е да се потсетиме на апсурдните идеи како присвојување на Канада и Гренланд, како и воведувањето царини што ги потресоа светските пазари, за потоа делумно да ги одложи или укине.
На ваквите потези особено се чувствителни американските технолошки компании, меѓу кои и "Apple", кој поради својата зависност од Кина се најде во незавидна ситуација. По најавата на Трамп за нови царини, Тим Кук и неговиот тим не чекаа расплет, туку веднаш започнаа со активности. Како што претходно беше објавено, "Apple" реагираше на воведувањето на царините така што од Индија кон САД испрати неколку товарни авиони со дури 600 тони "iPhone" уреди, што одговара на испорака од околу 1,5 милиони телефони, со цел да ги избегнат дополнителните трошоци.
Долгорочни промени
Сепак, таа мерка беше само привремено решение, а компанијата веќе подготвува долгорочна стратегија за заштита од вакви одлуки што би можеле да го загрозат нивното работење. Клучот на новиот план повторно се наоѓа во Индија. Иако производството таму е нешто поскапо отколку во Кина, "Apple" итно започна преговори со своите главни производствени партнери, "Foxconn" и "Tata", за значително зголемување на производствените капацитети.
Моментално, овие две компании во Индија имаат три фабрики, а во план е изградба на уште две нови.
Веќе од крајот на следната година, "Apple" планира во САД да продава исклучиво телефони произведени во Индија. Производството на "iPhone" во Индија до крајот на следната година треба да се удвои и да достигне околу 80 милиони уреди годишно. Денес, од над 60 милиони телефони што "Apple" ги продава во САД, околу 80 проценти се произведуваат во Кина.
По најавата на Трамп за високи царини, "Apple" изгуби неколку стотици милијарди долари пазарна вредност, но по најавата за одложување на царините (но не и за Кина), цената на акциите повторно скокна, при што пазарната вредност на компанијата повторно ја надмина бројката од 3 трилиони долари.