Во Велика Британија започна првото, светско клиничко испитување на вакцина која не треба да се чува во фрижидер, што би можело значително да го зголеми глобалниот пристап до вакцинацијата.
Вакцината против тетанус и дифтерија (SPVX02) на „Stablepharma“ е целосно стабилна на собна температура, а компанијата која стои зад неа вели дека со нивната напредна технологија би можеле да се произведат до 60 други видови вакцини.
Првото испитување на вакцината врз луѓе се одвива во Клиничкиот истражувачки центар на Националниот институт за истражување на здравјето и негата (NIHR) во Саутемптон, при Универзитетската болница во Саутемптон.
Една од најголемите пречки за вакцинирање на луѓето во некои делови од светот е „студениот синџир“ потребен за да се одржат вакцините ладни од производството до местото на инјектирање.
Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека низ целиот свет, околу половина од вакцините се фрлаат секоја година – главно поради недостаток на контрола на температурата и логистика потребна за поддршка на непрекинатиот ладен синџир.
„Ова може да биде вистинска пресвртница“
Британската биотехнолошка компанија „Stablepharma“ покажа дека може да ги претвори постојните одобрени вакцини во верзии што можат да се чуваат на собна температура подолг временски период.
Британскиот министер за здравство и социјална грижа, Вес Стритинг, изјави: „Со години, вакцините беа попречени од потребата да се чуваат во фрижидер – предизвикувајќи бесконечни количини отпад и отежнувајќи ја нивната достава до оддалечените заедници“.
„Но, благодарение на визијата на оваа влада и нашата инвестиција преку Националниот институт за истражување на здравјето и грижата, сето тоа може да се промени. Ние ја предводиме иницијативата со тоа што го охрабруваме првото светско испитување на вакцина без фрижидер. Ова би можело да биде вистински пресвртница и спас на глобално ниво“.
Се очекува испитувањето да заврши ова лето, а резултатите да бидат објавени до крајот на годината.
„Stablepharma“ се надева дека новата вакцина ќе биде во употреба глобално до 2027 година.