Емира „Мира“ Мурати, поранешна техничка директорка на "OpenAI", денес е една од највлијателните личности во светот на вештачката интелигенција. Родена на 16 декември 1988 година во Валона, Албанија, Мурати го започнала своето образование во Канада, а потоа дипломирала на Колби колеџот и Дартмут во САД.
Импресивна кариера
Во "OpenAI" се приклучи во 2018 година и одигра клучна улога во развојот на револуционерни алатки како што се "ChatGPT", "DALL•E" и "GPT-4". Нејзината улога не беше само техничка – во ноември 2023 година, за време на турбулентен период во компанијата, кратко ја извршуваше функцијата в.д. извршна директорка.
Во септември 2024 година, по шест и пол години во компанијата, Мурати објави дека си заминува за да создаде „време и простор за сопствени истражувања“.
Таинствениот следен чекор
Во февруари 2025 година го основа стартапот "Thinking Machines Lab", компанија насочена кон подобрување на соработката меѓу луѓето и вештачката интелигенција.
Иако компанијата сè уште нема конкретен производ, таа веднаш предизвика огромен интерес, а се шпекулира дека бара почетна инвестиција од 2 милијарди долари – што може да ја зголеми нејзината вредност на над 10 милијарди долари, според извештај на "Business Insider".
Оваа висока проценка, и покрај отсуството на готов производ, се должи на угледот на Мурати и врвниот тим што го формира, вклучувајќи поранешни колеги од "OpenAI", "Meta" и "Anthropic".
Верба во визијата
Инвеститорите гледаат голем потенцијал во лидерството и визијата на Мурати, надевајќи се дека "Thinking Machines Lab" ќе биде следниот голем играч во индустријата за вештачка интелигенција.
Со своите достигнувања, Мурати стекна бројни признанија – меѓу кои и место на листата на 100 највлијателни луѓе во ИТ секторот според списанието "Time" во 2024 година, како и почесна титула доктор на науки од Дартмут колеџот.
Преку "Thinking Machines Lab", Мира Мурати има амбиција да ја обликува иднината на вештачката интелигенција, со акцент на етиката и развојот на технологии што ќе му служат на човештвото.