Неколку играчи на Филаделфија Иглс одбија да присуствуваат на приемот кај претседателот на САД, Доналд Трамп, во Белата куќа по повод освојувањето на Супербоул.
Меѓу оние што го прескокнаа настанот беше и најголемата ѕвезда на тимот, 26-годишниот МВП на финалето, Џејлен Херц.
Од Белата куќа соопштија дека Херц и останатите не дошле поради „совпаѓање на обврски во распоредот“.
Присуството на приемот било по избор, а помалку од половина од тимот на Иглс се појави во понеделникот во Белата куќа.
Настанот го посетија претежно белите играчи на Филаделфија Иглс.
И покрај отсуството на Херц, Трамп го пофали најкорисниот играч на Супербоул, нарекувајќи го „одличен човек и одличен играч“.
Fly, @Eagles Fly! 🇺🇸🦅 https://t.co/hWgjvVcoca
— The White House (@WhiteHouse) April 29, 2025
„Иглс покажаа дека се неверојатен тим, неверојатна група“, додаде Трамп.
Покрај Херц, на приемот не се појавија ни други клучни играчи кои во февруари го совладаа Канзас Сити Чифс со 40:22 – меѓу нив АЈ Браун, Девонта Смит, Џејлен Картер, Џордан Дејвис и Брендон Греем.
По својот прв Супербоул во 2018 година, посетата на Иглс на Белата куќа беше откажана откако мнозинството од играчите одби да се појават.
Во тоа време се водеше интензивна дебата околу протестите преку клечење за време на американската химна – протест што започна во 2016 година. Иако Иглс никогаш не потврдија дека тоа е причината за нивниот бојкот, јавноста го поврза откажувањето со тој контекст.
Трамп, кој и тогаш беше претседател, остро ги критикуваше играчите што клечеа за време на химната, па наместо нив, на прием покани навивачи на Иглс.
Посетата на Белата куќа од страна на тимови што освојуваат национални титули е традиција стара уште од 19. век, но последниве децении често се користи како платформа за изразување политички ставови.
Трамп ја повлече поканата и за Голден Стејт Вориорс по нивната титула во НБА во 2017 година, откако двократниот МВП Стеф Кари изјави дека не сака да оди во Белата куќа.
Вориорс не беа поканети ни следната година, и покрај тоа што ја освоија третата титула во четири сезони.