Што се случи со „девојката од Ватикан“? Така ја нарекуваат 15-годишната Емануела Орланди, чие исчезнување останува еден од најзагатните случаи во историјата на Ватикан и Италија. Иако папата Франциско вложи голем труд да ја открие вистината, надежта за конечно расветлување на случајот згасна со неговата смрт
Емануела, родена на 14 јануари 1968 година, израснала во Ватикан. На денот кога исчезнала, таа присуствувала на часови по музика, но никогаш не се вратила дома. Првичните сомнежи укажувале на киднапирање.
Од 22 јуни 1983 година, кога таа, ќерка на ватиканскиот службеник Ерколе Орланди, мистериозно исчезнала, случајот предизвикувал бројни шпекулации и истраги. Благодарение на напорите на папата Франциско, приказната доби дополнително внимание.
И покрај децениските напори, семејството Орланди сè уште нема добиено конкретни одговори за судбината на Емануела. Истрагите неколкупати беа обновувани, но без конечен резултат.
Со текот на времето, интересот за случајот растел. Особено по прикажувањето на документарната серија на Нетфликс – „Девојката од Ватикан“ (Vatican Girl), Ватикан повторно ја отвори истрагата. Меѓу истражените теории беше и онаа дека Емануела била киднапирана од криминална група која сакала да го уценува Ватикан за ослободување на Мехмет Али Агџа, осуден за обид за убиство на папата Јован Павле II.
Друга теорија сугерираше дека таа била одведена во Лондон, каде што живеела во младински дом поддржан од Ватикан, а подоцна починала таму. Во 2019 година, во Ватикан беа отворени две гробници во обид да се најдат нејзини остатоци, но без успех.
Најновото тврдење, изнесено во документарецот, доаѓа од пријателка на Емануела, која тврди дека девојката пред исчезнувањето ѝ доверила дека била сексуално вознемирувана од лице блиско до папата Јован Павле II. Братот на Емануела, Пјетро Орланди, смета дека најверојатното сценарио е дека неговата сестра била жртва на педофилија.
Пјетро Орланди својот живот го посвети на барање одговори. Тој дури и јавно алудираше на можна вмешаност на папата Јован Павле II. Според него, Ватикан со години тврдеше дека нема информации, додека, наводно, Рим поседува голем број документи кои можат да ја разјаснат мистеријата.
Во 2023 година, папата Франциско нареди повторно отворање на ватиканските архиви и назначи нова истрага под водство на промоторот на правдата Алесандро Диди.
До 2024 година, Диди имаше собрано стотици документи и интервјуирано бројни сведоци, вклучително и поранешни ватикански службеници и мафијаши. Папата Франциск изјави дека Ватикан нема што да крие и ја истакна потребата вистината да излезе на виделина. Но по неговата смрт, истрагата остана без финален епилог. Не е јасно дали јавноста или семејството Орланди некогаш ќе добијат одговори.
Случајот со Емануела често се поврзува со исчезнувањето на уште една 15-годишна девојка, Мирела Грегори, која исчезнала во мај 1983 година, 40 дена пред исчезнувањето на Емануела.
Мирела на денот на исчезнувањето добила телефонски повик од лице што се претставило како нејзин поранешен соученик. Им рекла на родителите дека брзо ќе се врати, но по последната средба со својата најдобра пријателка, исчезнала без трага. Истражителите подоцна утврдиле дека лицето со кое требала да се сретне имало алиби. И нејзиниот случај остана нерешен.