[ВИДЕО] Човекот кој во мозокот има чип развиен од компанијата на Маск: „Сега со мислите можам да управувам со компјутер“

Точка

27/03/2025

17:02

15.526

Големина на фонт

а а а

Вградување на чип во мозокот кој може да ги преведе вашите мисли во компјутерски команди може да звучи како научна фантастика – но за Ноланд Арбо, тоа е реалност.

Во јануари 2024 година, осум години откако останал парализиран, 30-годишниот Ноланд станал првиот човек кому му бил вграден таков уред од американската невротехнолошка компанија „Neuralink“.

Тоа не бил првиот таков чип, неколку други компании исто така го развиле и го инкорпорирале, но случајот на Ноланд привлекол посебно внимание поради основачот на „Neuralink“, Илон Маск.

Но Ноланд вели дека овде најважна е науката, а не тој и Маск. Тој за Би-би-си изјавил дека ги знае ризиците од она што го прави, но „без разлика што ќе се случи, добро или лошо, моето учество ќе им помогне на другите“.

„И ако се случи нешто лошо, знаев дека ќе научат нешто од тоа“, додал тој.

„Немате контрола, немате приватност“

Ноланд останал парализиран од рамената надолу по несреќата со нуркање во 2016 година. Повредите биле толку тешки што тој се плашел дека никогаш повеќе нема да може да учи, да работи, па дури и да игра игри.

„Немате никаква контрола, немате приватност и тешко е. Мора да научите да зависите од другите за сè“, зборувал тој.

Чипот на „Neuralink“ сега се обидува да му врати барем парче независност овозможувајќи му да го контролира компјутерот со своите мисли.

Станува збор за таканаречен интерфејс мозок-компјутер, кој работи на тој начин што снима мали електрични импулси кои се појавуваат кога луѓето размислуваат за движење и ги преведуваат во дигитални команди, како што е движењето на курсорот на екранот.

Научниците работат на тоа со децении.


Се разбира, Илон Маск и неговото влијание во оваа приказна фрлиле дополнително светло на оваа технологија и на самиот Ноланд Арбо.

„Маск беше возбуден исто како и јас“

Благодарение на Маск, „Neuralink“ привлече многу инвестиции, но предизвика и големо внимание и загриженост за безбедноста на оваа многу инвазивна процедура.

Кога била објавена операцијата на Ноланд, експертите ја нарекле „голем чекор напред“, но предупредиле дека ќе биде потребно време да се процени вистинското влијание, особено затоа што Маск е познат по тоа што умее да генерира публицитет за своите компании.

Маск во тоа време бил прилично воздржан на социјалните мрежи. „Првичните резултати покажуваат ветувачки детекции на нервните импулси“, напишал тој.

Но, во реалноста, вели Ноланд, милијардерот со кој разговарал пред и по операцијата бил многу пооптимистичен. „Мислам дека тој беше исто толку возбуден како и јас за она што почнува“, признал тој.

Сепак, тој нагласува дека „Neuralink“ не е само Маск и вели дека не го гледа како „уредот на Елон Маск“.

Како остатокот од светот ќе гледа на сето тоа, особено ако се земат предвид сè поконтроверзните односи на Маск со американската влада, останува да видиме. Но, нема сомнеж дека овој чип имал значително влијание врз животот на Ноланд.

„Не верувам дека ова е возможно“

Тој вели дека откако се разбудил по операцијата, веднаш можел да го контролира курсорот на екранот така што размислувал на мрдање со прстите.

„Искрено, не знаев што да очекувам, звучи како научна фантастика“, бил искрен тој.

Но, кога видел како неговите неврони реагираат на екранот, опкружен со воодушевените вработени во „Neuralink“, сфатил дека навистина може да го контролира компјутерот само со своите мисли.


Со текот на времето станувал сè подобар и подобар и сега може да игра шах и видеоигри.

„Пораснав играјќи игри“, рекол Ноланд, додавајќи дека тоа е нешто од што морал да се откаже кога останал парализиран.

„Сега ги победувам моите пријатели во игри, што навистина не треба да биде возможно, но еве се случува“, вели тој.

„Еден од главните проблеми е приватноста“

Ноланд е моќен пример за тоа колку оваа технологија може да промени нечиј живот, но има и потенцијални недостатоци.

„Едно од главните проблеми е приватноста“, вели Анил Сет, професор по невронаука на Универзитетот во Сасекс.

„Ако ја испраќаме мозочната активност нанадвор, тогаш всушност обезбедуваме пристап не само до она што го правиме, туку потенцијално до она што мислиме, веруваме и чувствуваме“, изјавил тој за Би-би-си.

„Кога некој ќе ви погледне во главата, повеќе нема приватност“, додал тој.

Но, тоа не го загрижува Ноланд. Тој посакува чиповите еден ден да можат многу повеќе. За Би-би-си изјавил дека се надева како еден ден со тој чип ќе може да управува со својата инвалидска количка, па дури и футуристички хуманоиден робот.

Дури и во сегашен, поограничен облик, технологијата не поминала без проблеми. Во еден момент, проблемот со чипот предизвикал тој целосно да ја изгуби контролата над компјутерот кога чипот делумно се „откачил“ од неговиот мозок.

„Беше навистина вознемирувачки, во најмала рака. Не знаев дали некогаш ќе можам повторно да го користам „Neuralink“, рекол.


Подоцна врската била поправена и дополнително подобрена откако инженерите го приспособиле софтверот, но инцидентот покажал дека сè уште постојат ограничувања за кои експертите постојано предупредуваат.

Голем бизнис

„Neuralink“ е само една од бројните компании кои се обидуваат да најдат начини за дигитално поврзување на човечкиот мозок и компјутерите.

Една од нив е компанијата „Synchron“, која вели дека нејзиниот уред „Stentrode“, наменет да им помогне на луѓето со амиотрофична латерална склероза, бара многу помалку инвазивна операција.


Наместо отворање на черепот, уредот се вметнува низ југуларната вена, а потоа преку крвен сад се пренесува во мозокот. Исто како „Neuralink“, уредот на крајот комуницира со моторичкиот дел од мозокот. „Детектира кога некој мисли на тапкање со прстите или кога тоа не го помислува. Така можеме да го создадеме она што го нарекуваме дигитален моторички излез“, рекла Рики Банерџи, главна технолошка директорка на фирмата.

Тој излез се претвора во компјутерски сигнали. Оваа технологија моментално ја користат 10 луѓе.

„Технологија која може да ги промени животите на луѓето со парализа“

Еден од нив, кој не сакал да биде именуван, за Би-би-си изјавил дека е првиот во светот кој го користел тој уред со слушалките „Vision Pro“ на „Apple“.

Марк рекол дека тоа му овозможува виртуелно да ги посети далечните места, од стоење под водопади во Австралија до планинарење во планините на Нов Зеланд.


„Гледам иднина каде оваа технологија навистина би можела да ги промени животите на луѓето со парализа“, рекол тој.

Но, за Ноланд постои една неизвесност – тој се согласил да биде дел од студијата во која ќе го носи чипот шест години, а после тоа не е јасно што ќе се случува понатаму.

Што и да се случи, тој верува дека неговото искуство е само почеток на она што еден ден би можело да стане реалност.

„Толку малку знаеме за мозокот, за ова ни овозможува да научиме многу повеќе“, заклучил тој.