Робот-куче со вештачка интелигенција учи да „живее“ како човек

Точка

07/05/2025

16:07

571

Големина на фонт

а а а

Кога ќе се спомне спојување на роботи и луѓе, обично се мисли на хуманоидни роботи. Но, еден робот сличен на куче наскоро би можел целосно да ја промени таа перцепција – бидејќи учи да „живее“ како човек.

Луна е робот на шведската компанија "IntuiCell" и визуелно потсетува на четириножниот робот "Spot" од компанијата "Boston Dynamics". Сепак, не станува збор за копија – напротив. Иако наликува на своите претходници, Луна поседува нешто што ним им недостига: функционален дигитален нервен систем. Станува збор за таканаречена „Agentic AI“ – класа на вештачка интелигенција која се фокусира на автономни системи, со цел самостојно донесување одлуки и извршување задачи без човечка интервенција.

Додека повеќето роботи се потпираат на податоци врз кои биле тренирани, "Agentic AI" им овозможува да учат преку искуства – исто како и живите суштества. Од компанијата "IntuiCell" велат дека ваквите роботи во иднина би можеле да се испратат на оддалечени планети, со што би се истражувале нови светови без ризик по човечкиот живот.

Луна засега е далеку од вселенски мисии или самостоен живот – моментално учи основни активности, а во таа мисија ѝ помагаат експерти за обука на кучиња. Следниот чекор, според компанијата, е примена на истиот дигитален нервен систем во роботи кои повеќе личат на луѓе.

Можеби еден ден заедно ќе отпатуваат на Марс – или ќе ги здружат силите за да ја излечат планетата на која веќе живееме.