Компанијата "Rockstar Games" денеска го објави вториот трејлер за долгоочекуваната видео-игра "Grand Theft Auto VI" (GTA VI).
„Џејсон и Лусија отсекогаш знаеле дека работите нема да се одвиваат според планот. Но кога лесната добивка се претвора во катастрофа, ќе се најдат на најмрачната страна од најсончевото место во Америка, во центарот на заговор. Принудени се да се потпираат еден на друг повеќе од кога било – за да преживеат“, се наведува во описот на трејлерот објавен на платформата "YouTube".
Видеото, снимено на "PS5" конзола, собра 1,7 милиони лајкови само еден час по објавувањето.
"Rockstar Games" минатата недела во петок соопшти дека ја одложува премиерата на "GTA VI", која првично беше најавена за есен 2025 година, и сега е закажана за 26 мај 2026 година.
„Со секоја игра што сме ја објавиле, целта секогаш била да ги надминеме вашите очекувања, и "GTA VI" не е исклучок. Се надеваме дека ќе разберете дека ни е потребно ова дополнително време за да испорачаме ниво на квалитет кое го очекувате и заслужувате“, се вели во соопштението на "Rockstar Games" објавено на социјалната мрежа "Икс" (поранешен Твитер).
Првиот трејлер за GTA VI беше објавен во декември 2023 година, кога креаторите ја претставија приказната за Лусија – една од главните хероини во играта.
Претходната верзија, GTA V, беше објавена во септември 2013 година, што значи дека обожавателите на оваа франшиза ќе го дочекаат продолжението речиси 13 години подоцна.