Пекинг ќе биде домаќин на Светските игри за хуманоидни роботи, кои ќе се одржат од 15 до 17 август на Националниот стадион и Националната арена за брзо лизгање, со цел зајакнување на глобалната соработка во областа на роботиката, изјави функционерот Џијанг Гуангжи.
Според него, игрите ќе вклучуваат 19 натпреварувања, меѓу кои се вежби на под, фудбал и танц, пренесува "China Daily".
Џијанг посочи дека секој робот мора да биде целосно автономен – без поткомпоненти или визуелни ознаки на теренот – и дека употребата на опасни извори на енергија е строго забранета. Дополнително, секој тим што учествува на натпреварите мора самостојно да обезбеди интернет конекција.
„Потребно е да се зајакнат глобалните размени и соработка, како и да се подобри интеракцијата помеѓу истражувањата, индустријата и крајните корисници. Затоа го организиравме Светскиот полумаратон за хуманоидни роботи, а летово ќе ги одржиме и Светските игри за хуманоидни роботи 2025 година“, истакна Џијанг.
Тој додаде дека Пекинг, покрај Игрите, ќе биде и домаќин на Светската конференција за роботика од 8 до 12 август, каде што околу 200 компании ќе ги претстават своите најнови достигнувања.