Актерот од серијата „Закон и ред“ осуден на 25 години затвор поради убиство

Точка

24/03/2025

11:58

1.602

Големина на фонт

а а а

Актерот Исаја Стоукс, најпознат по улогата во популарната серија „Закон и ред“ осуден е на минимум 25 години затвор, со можност за доживотен затвор, за убиство што се случило на 7 февруари 2021 година во Квинс, Њујорк.

Имено, Тајрон Џонс бил убиен во пукање, откако бил погоден со повеќе куршуми во главата и градите, а на местото на настанот бил пронајден мртов. Стоукс бил уапсен пет месеци по злосторството, кога истрагата открила дека тој ја демнел жртвата четири месеци пред да го изврши убиството.

За време на судењето, поротата го прогласи Стоукс за виновен за убиство на 13 март 2025 година, како и за две точки од обвинението за незаконско поседување оружје. Пресудата беше донесена на 21 март.


Стоукс за време на изрекувањето на пресудата изгледал вознемирено, додека членовите на семејството на убиениот Џонс биле задоволни од одлуката и ја поддржале со аплауз. Судијата Кенет Холдер бил многу остар во својот говор, критикувајќи го Стоукс за попречување на судењето и обид за повторно отворање на претходните барања.

Кога Стоукс му дал саркастичен коментар на судијата, Холдер одговорил: „Не ми е гајле што рече! Не ми е гајле што тврдиш дека си невин, ти си повеќе виновен од кој било што сум го видел во оваа судница. Мислеше дека ќе останеш во затвор колку што можеш повеќе и дека ќе направиш чуда во твојата филмска кариера кога ќе излезеш. Ама тука е проблемот, си планирал да излезеш, а не излегуваш, никој не може намерно да планира убиство и да го изврши глупаво како тебе. Беше гневен поради ќотекот што го доби месеци порано и го смисли овој смешен план“.

Тој потоа истакнал дека Стоукс со месеци планирал одмазда поради тепачката на роденденот на Џонс во 2020 година и дека го следел пред да го изврши убиството.


„Си го следел Џонс, го застрела 11 пати за да бидеш сигурен дека ќе умре“, рече судијата.

Судијата, исто така, потсетил дека и адвокатите на Стоукс го советувале актерот да ја прифати спогодбата, бидејќи снимките од надзорните камери јасно покажуваат дека тој е сторителот. Сепак, Стоукс одбил да се согласи со договорот и да ја признае вината.

Окружниот обвинител на Квинс Мелинда Кац рекла дека Стоукс бил „понижен и лут“ откако бил исфрлен од забавата на Џонс во октомври 2020 година поради несоодветно однесување кон жените.

Својата одмазда ја планирал со месеци, го следел автомобилот на Џонс и на крајот го нашол паркиран на улицата Линден, каде испукал 11 истрели. „Правдата сега е задоволена, а обвинетиот остатокот од животот ќе го помине зад решетки“, додала Кац.


Во текот на судењето емотивна изјава дал и таткото на убиениот Тајрон Џонс постариот, кој истакнал дека неговиот син бил полн со живот и љубов, и не заслужил да умре поради тепачка на роденденска забава.

„Мојот син беше убиен поради твоите одлуки. Сега треба да одам на гробиштата и да разговарам со мојот син“, рекол Џонс постариот.

Покрај „Закон и ред“, Стоукс глумел и во сериите „Rescue Me“, „Boardwalk Empire“, „Louie“, а неговата последна телевизиска улога била во 2019 година во серијата „Power“. Покрај актерството, тој се занимавал и со музика под псевдонимот „I$AIAH“, а последниот сингл го објавил во 2023 година.