На денешен ден започна падот на големиот Диего Марадона

Макфакс

17/03/2025

10:59

267

Големина на фонт

а а а

На денешен ден во 1991 година започна падот на еден од најдобрите фудбалери во историјата Диего Армандо Марадона.

На 17. март на „Сан Паоло“, стадионот во Неапол кој денес го носи името на Марадона, се одигра натпревар помеѓу Наполи и Бари.

Актуелните шампиони наполитанците славеа победа од 1:0 со голот на Џанфранко Ѕола.

Сепак, она што го направи овој натпревар незаборавен не е нивниот триумф, туку она што следеше, пренесува „Индекс“.

Имено, по натпреварот, во примерокот од урината на Марадона имало траги од кокаин.

Десетина дена подоцна, Марадона беше уапсен во Буенос Аирес поради поседување половина килограм кокаин. Тој и двајца негови пријатели беа уапсени во стан во Кабалито, предградие на Буенос Аирес, што го означи крајот на големата кариера.

Судот пресуди дека Марадона ќе мора да оди на контролиран медицински третман, но тој долго време се бореше со „пеколот“ на зависноста.

За време на неговата суспензија, Марадона значително се здебели и имаше проблеми со клубот поради неисплатени барања за обештетување.

По одлежувањето на суспензијата, Марадона му се врати на фудбалот во 1992 година, кога потпиша договор со Севилја.

Сепак, неговите проблеми со дрогата продолжија да го прогонуваат.

Во 1994 година, тој повторно беше позитивен за време на Светското првенство во САД, што резултираше со уште една забрана за играње.

Марадона почна да користи кокаин за време на неговиот престој во Европа, особено во Неапол, каде што испиша историја и стана жива легенда во дресот на Наполи.

Иако редовно поминувал допинг тестови, Марадона продолжил да конзумира кокаин, што било овозможено со помош на италијанската мафија која го снабдувала со дрогата.

Марадона ја започна својата професионална кариера во Аргентинос Јуниорс, а потоа играше за Бока Јуниорс, Барселона, Наполи, Севилја и Њуелс Олд Бојс.

Врвот на кариерата го достигна во Наполи, освојувајќи две првенства на Италија и еден Куп на УЕФА.

Тој ја предводеше аргентинската репрезентација до титулата на Светското првенство во 1986 година во Мексико, каде што неговите голови против Англија станаа легендарни.

Кариерата ја заврши во 1997 година во Бока, подоцна стана тренер, па дури и селектор на Аргентина, која ја водеше на Светското првенство во 2010 година.

Тој почина на 25. ноември 2020 година.