Македонија загуби во Копер, Словенија обезбеди пласман на ЕП

Макфакс

16/03/2025

20:33

549

Големина на фонт

а а а

Ракометната репрезентација на Македонија доживеа уште еден тежок пораз од Словенија во квалифкациите за пласман на Европското првенство. Вечерва во Копер Словенија славеша со 38:27 (20:12).

Натпреварот се одигра на денот кога Македонија ја потресе големата трагедија што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во пожар загинаа 59 лица, а 155 се повредени. Европската ракометна федерација не го прифати барањето на Ракометната федерација на Македонија, натпреварот да се одложи.

Во првиот дел, Македонија одигра лоша одбрана, им дозволи на Словенците да постигнат 20 голови. Словенците постепено ја градеа разликата. Во средишницата од првиот дел имаа серија од 3:0, а полувремето го финишираа со серија 5:1.

Со оглед на големата предност, Словенците рутински го одработеа второто полувреме. Со овој триумф Словенија обезбеди пласман на ЕП. Со четири победи во исто толку натпревари Словенците ќе бидат први во групата, во која Литванија со шест е втора, Македонија има само два бода, Естонија е без освоен бод.

Македонија ќе има можност во мај да обезбеди место на ЕП, кога ќе игра против Литванија и Естонија.

Кузмановски ја предводеше Македонија со шест гола, по три постигнаа Пешевски, Лазаревски, Атанасијевиќ и Костески. Најефикасни играчи кај Словенија беа Влах со девет и Милиќ со седум гола.