Конечно го дочекавме и тоа – "Audi" ја претстави караванската изведба на својот најценет модел.
Првично, моделот требаше да го носи името „A7“, но во последен момент "Audi" реши да ја задржи постоечката номенклатура. Така, „A4“ стана „A5“, додека „A6“ остана „A6“ – и тоа како „Avant“. Но, нема место за грижи – приказната со "Passat" нема да се повтори, па така „A6“ сепак ќе добие седан верзија, која ќе биде претставена за еден месец.
Помалку неочекувано, "Audi" за премиерата избра автомобил во кафеава нијанса со затемнет логотип на брендот. Иако дискретен и конзервативен, новиот „A6“ открива некои новитети, како што се сензорите во долниот дел од решетката, додека на задниот дел јасно се истакнуваат вистинските издувни завршетоци.
Со коефициент на отпор на воздух од 0,25, ова е нај-аеродинамичен „A6“ во историјата – но само меѓу моделите со фосилни горива. Да, претходниот „A6 e-tron“ беше нијанса подобар. Основната верзија доаѓа со 18-инчни фелни, вратните рачки се вградени во каросеријата, а возилото е поголемо од својот претходник.
Поголеми димензии, но не и повеќе простор
Иако новиот „A6“ е поголем, тоа не значи и повеќе простор во багажникот – напротив, сега е 60 литри помал. Дизајнот останува препознатлив од претходните модели, што го олеснува привикнувањето. Сепак, "Audi" нуди поквалитетни материјали, а моделот е поставен една класа над новиот „A5“. Како опција, може да се избере и дополнителен екран од 10,9 инчи за совозачот. Централниот дисплеј е 14,5 инчи, додека возачкиот дисплеј е 11,9 инчи – исто како кај „A5“.
Три класични верзии и моќни електрични алтернативи
Класичниот „A6“ се нуди во три варијанти:
- Основен модел со 2.0 бензинец кој испорачува 204 коњски сили и 340 Nm, со погон на предните тркала и без електрификација.
- 2.0 дизел верзија со 204 коњски сили, достапна и со „quattro“ погон.
- 3.0 V6 TFSI со 48 V благ хибриден систем, 367 коњски сили и погон на сите четири тркала. Оваа верзија забрзува 0-100 км/ч за само 4,7 секунди, а максималната брзина е 250 км/ч.
Кога станува збор за електричниот „A6 e-tron“, основната верзија има батерија од 83 kWh и 286 КС.
Сите останати верзии користат поголема батерија од 100 kWh, а опциите вклучуваат:
- „Performance“ со 367 КС
- „Quattro“ со 428 КС
- „S6 e-tron“ со 503 КС
Досег до 756 км и брзо полнење
Верзијата „Performance“ нуди најдобар досег – 756 км, односно 720 км за „Avant“ верзијата.
„S6 e-tron“ има досег од 675 км, но затоа забрзува 0-100 км/ч за само 3,9 секунди.
Моќноста на полнење е 225 kW за основниот модел и 275 kW за сите останати. Во превод – полнење од 10 до 80% трае само 21 минута.
И тоа не е сè – наскоро доаѓа и „RS“ верзија.
Првите испораки за новиот „A6“ започнуваат во мај, а почетната цена е 58.000 евра. Ако изберете "V6", стартот е 72.000 евра.
Електричната верзија започнува од 62.800 евра, додека „Avant“ верзијата чини 64.450 евра – секако, во Германија.