„Volkswagen ID. Polo“ го разбива пазарот: 455 км досег, полнење за 24 минути и цена под 25.000 евра!

Точка

29/04/2026

20:29

315

Големина на фонт

а а а

„Volkswagen ID. Polo“ е претставен како електричен хечбек со почетна цена под 25.000 евра, со што започнува нова ера за овој германски бренд.

Претпродажбата веќе започна во Германија, каде основниот пакет опрема „Trend“ стартува од 24.995 евра. Тоа е клучната цена што „Volkswagen“ гордо ја истакнува, иако во моментов е можно да се нарача само средниот пакет опрема „Life“, чија цена започнува од 33.795 евра. Дополнителните варијанти пристигнуваат на лето.


На самиот почеток на продажбата се достапни три нивоа на моќност:

1. 114 КС или 133 КС – овие верзии доаѓаат со литум-железо-фосфатна (LFP) батерија со капацитет од 37 kWh, која нуди досег до 329 км. Поддржуваат DC брзо полнење до 90 kW, при што за полнење од 10% до 80% се потребни околу 27 минути.

2. 208 КС – оваа варијанта користи никел-манган-кобалт (NMC) батерија од 52 kWh, со што досегот се зголемува на (привремени) 455 км. Со DC полнење до 105 kW, времето за полнење од 10% до 80% е скратено на околу 24 минути.


Внатрешноста, која беше откриена минатиот месец, исто така останува верна на концептот и нуди она што дизајнерите го нарекуваат „премиум хаптичко“ искуство, комбинирајќи екрани на допир со физички контроли.

На инструмент таблата се наоѓа дигитален дисплеј од 10,25 инчи, додека инфотејнмент системот користи екран од 13 инчи поставен хоризонтално. Значајна промена е отстранувањето на контроверзните „слајдер“ контроли за јачина на звук и греење.


Наместо нив, под екранот има ред физички копчиња за климата и сите четири трепкачи, како и ротациско тркало за звук и менување песни или радио-станици.

Новиот волан има по еден сет физички копчиња на двата крака – левата страна е наменета за асистенција при возење како темпомат, додека десната управува со мултимедијата и податоците на екранот.


Вложен е и голем напор за подобрување на квалитетот на материјалите, па така таблата и панелите на вратите се обложени со ткаенина со декоративни шевови, додека боите се инспирирани од морски нијанси. Сите текстилни материјали на седиштата и вратите се направени од рециклирани пластични шишиња.

Интересен детал се прилагодливите екрани кои имаат „ретро“ режим инспириран од првата генерација на „Golf“, вклучувајќи аналоген изглед на инструментите и симулација на касетофон во аудио-плеерот, пренесува „Autocar“.


Унапредениот инфотејнмент систем сега е попрегледен и полесен за користење, а навигацијата овозможува избор помеѓу системот на „Volkswagen“ или „Google“ мапи.

Иако „ID. Polo“ по надворешните димензии е сличен на својот модел со мотор со внатрешно согорување, електричната платформа со рамен под нуди значително повеќе простор.

Бидејќи моторот и клучните механички делови се сместени напред под хаубата, „Volkswagen“ тврди дека „ID. Polo“ нуди просторност на ниво на „Golf“, вклучувајќи и длабок багажник со капацитет од 435 литри.