„Ford“ го претстави „Mustang Cobra Jet“, третата генерација на драгстер наменет за „NHRA“ трки.
Четвртина милја ја помина за само 6,87 секунди, со излезна брзина на целта од дури 356 км/ч. Со тоа стана најбрзиот електричен автомобил во светот.

„Mustang Cobra Jet 2200“ е надградба на претходниот модел „Cobra Jet 1800“, а наместо четири електромотори сега користи два. И покрај тоа, вкупната моќност расте од 1.800 на дури 2.200 коњски сили. Дополнително, времето за полнење е пократко, масата на возилото е намалена за 408 килограми, па не изненадува што на патеката е уште побрз.

„Ford“ дополнително ги унапреди и безбедносните системи. Автомобилот има систем за итно исклучување на струјата кој користи мала експлозивна направа. Може да го активира возачот, членовите на тимот или персоналот на патеката, а служи за моментално прекинување на главната електрична врска.
It's official: The Ford Racing Mustang Cobra Jet 2200 has clocked a new record time of 6.87 at 221 mph - now the quickest electric car on the planet.#FordRacing pic.twitter.com/drmvH2XRp6
— Ford Racing (@FordRacing) April 25, 2026
Една од најинтересните технологии се наоѓа во преносниот систем. „Cobra Jet 2200“ користи повеќебрзински менувач и центрифугална спојка, што овозможува подобра контрола на вртежниот момент при старт. По почетното забрзување, системот преминува на директен погон, со што се обезбедува максимална ефикасност при големи брзини.

Да потсетиме, првиот електричен „Mustang Cobra Jet“ беше претставен во 2021 година. Со повеќе од 1400 коњски сили ја помина патеката за 8,128 секунди, со излезна брзина од 276,8 км/ч. Потоа во 2023 година пристигна „Mustang Cobra Jet 1800“, а сега следува најновата итерација со дури 2200 коњски сили.









