Научниците објавија за колку години нова ледена доба ќе ја погоди Земјата

Точка

28/02/2025

20:02

1.568

Големина на фонт

а а а

Очекувано е дека следната ледена доба на Земјата ќе започне за околу 11.000 години, освен ако глобалното затоплување предизвикано од човековите активности не ги наруши природните циклуси.

Ова го покажува нова научна студија, објавена во четврток во списанието "Science", која анализира како суптилните промени во орбитата на Земјата низ историјата предизвикувале огромни климатски промени.

Меѓународен тим истражувачи ги споредил климатските промени забележани во последниот милион години со ротацијата на Земјата околу Сонцето. Преку проучување на три параметри – косината на Земјината оска, нејзиното колебање и орбиталната патека, која е благо елиптична, научниците успеале да утврдат временскопоклопување, пренесува "N1info.hr".


Првпат успешно предвидена следната ледена доба

„Успеавме да ја предвидиме секоја деглацијација во последните 900.000 години“, изјави за "AFP" главниот автор Стивен Баркер, професор на Универзитетот во Кардиф.

Земјата долго време поминува низ циклуси на глацијални (ледени) и меѓуглацијални (потопли) периоди. Последната ледена доба заврши пред околу 11.700 години.

Идејата за врската меѓу температурите и орбитата на Земјата не е нова. Научниците одамна претпоставуваат дека климата на Земјата се менува врз основа на нејзината орбита, која циклично ја менува количината на сончева светлина што ја достигнува планетата.

Но, ова е „првпат да ги поврземе сите три параметри и да предвидиме кога ќе дојде до деглацијација“, објаснува Баркер.

Коавторката Лорејн Лисијеки, професорка на Калифорнискиот универзитет во Санта Барбара, истакнува дека оваа студија е значајна бидејќи „потврдува дека природните климатски циклуси што ги набљудуваме на Земјата во текот на десетици илјади години се во голема мера предвидливи и не се случајни или хаотични“.


Човечкиот фактор може да го одложи заледувањето, но по цена на екстремно затоплување

Баркер истакнува дека без Индустриската револуција – под претпоставка дека фосилните горива никогаш не биле согорени – „ќе очекувавме нова глацијација во следните 11.000 години, која би завршила за околу 66.000 години“.

Сепак, тој предупредува дека резултатите од ова истражување не треба да се толкуваат како доказ дека климатските промени предизвикани од човекот се „корисни“.

Нивото на јаглерод диоксид речиси се удвои од Индустриската револуција, а ако емисиите не бидат контролирани, „Антарктикот би можел целосно да се стопи за околу 8.000 години, што би довело до пораст на нивото на морињата за 70 метри“, вели Баркер.

„Наместо да има ледници, ќе бидете под вода“, предупредува тој.

Истражувачкиот тим планира да ги прошири своите истражувања, анализирајќи како климатските промени предизвикани од луѓето можат долгорочно да ги изменат природните климатски циклуси на нашата планета.