Вселенското летало „Blue Ghost“, на американската вселенска агенција НАСА, направи уникатна слика од површината на Месечината додека се подготвува за слетување на површината на Земјиниот сателит планирано за претстојниот викенд.
„Blue Ghost“ треба да слета на Месечината за прв пат в недела, на 2 март, а во пресрет на овој историски момент леталото сними уникатни снимки одблиску од површината на Месечината. Во неверојатно видео, далечната Земја може да се види како се издигнува и исчезнува зад месечевиот хоризонт.
Тајм-лапс видеото е снимено на 18 февруари и прикажува неверојатен поглед од лендерот „Blue Ghost“ додека го правел своето второ орбитално преминување околу Месечината на надморска височина од околу 120 километри над нејзината површина. На снимката се гледаат кратери, а во позадина се прикажани Сонцето и Земјата.
Леталото заврши три орбити, а неговиот оператор, приватната американска компанија „Firefly Aerospace“, моментално ги прави последните подготовки за слетување. Ако „Blue Ghost“ успешно слета, тоа ќе биде првото вселенско летало што ќе сними зајдисонце од површината на Месечината.
На Земјата сме навикнати на тоа дека Сонцето повторно изгрева и заоѓа по околу 12 часа, но на Месечината тоа се случува на сосема поинаков начин. Еден месечев ден трае околу 29,5 земјини денови, што значи дека кога сонцето изгрева на Месечината, не заоѓа во следните 14 дена.
За време на мисиите „Apollo“, НАСА ги „темпираше“ слетувањата така што астронаутите слетуваа на Месечината на почетокот на овој двонеделен период, па имаа време да спроведат научни истражувања. Сепак, поради ова, никој не знае точно како изгледа зајдисонце на Месечината, а Blue Ghost би можел да стане првиот уред кој ќе го сними тој уникатен момент.