Таткото на Илон Маск даде мрачни предвидувања за политичката кариера на својот син

Точка

28/02/2025

14:36

1.976

Големина на фонт

а а а

Ерол Маск, таткото на Илон Маск – најбогатиот човек во светот и од неодамна член на кабинетот на претседателот на САД, Доналд Трамп – даде мрачна прогноза за политичката иднина на својот син.

Ерол Маск се огласи откако се појавија извештаи дека неговиот син ги вознемирил членовите на Белата куќа со своите наредби до вработените во владините агенции, пренесе порталот "The Daily Beast".

„Илон не е создаден за политика“, изјави Ерол Маск и додаде:

„Политиката е област во која мора да умеете да соработувате со сите … Ако не можете тоа да го направите, подобро е да не влегувате во политика.“

Овие коментари доаѓаат по извештаите дека шефот на Одделот за ефикасност во владата предизвикал незадоволство во кабинетот, откако минатата недела побарал од вработените во федералната влада да поднесуваат неделни извештаи за своите активности или во спротивно да се соочат со отказ.

Оваа директива предизвикала големо незадоволство меѓу високите функционери и секретарите на кабинетот, кои, според изјава на еден функционер на Трамповата администрација за "CNN", „се одговорни за сопствените агенции и самите треба да ги спроведуваат ревизиите за да утврдат каде се неопходни кратења“.

Сепак, Трамп на својата социјална мрежа "Truth Social" инсистираше дека „сите членови на кабинетот се исклучително среќни со Илон“.

Меѓутоа, Маск сениор не мисли така. Ерол верува дека неговиот син ќе има тежок пат во политиката, особено затоа што, како што вели, не знае како да комуницира со широките маси.

„Илон е навикнат да работи со луѓе од врвот, со ’тројно-А‘ луѓе. Само со ’тројно-А‘ луѓе“, изјави тој.

Тој продолжи со критиките, додавајќи дека дистанцата на милијардерот и сопственик на "Tesla" од обичните граѓани значи дека „би му било потребно многу време пред вистински да влезе во политичката сфера“.


Ова не е првпат таткото и синот јавно да влезат во конфликт. Додека помладиот Маск тврдеше дека неговиот татко правел „злобни работи“, Ерол му возврати велејќи дека Илон не бил добар татко.

„Ако Илон го слушне ова, веројатно ќе ме застрела или нешто слично“, саркастично додаде тој.

Извршниот директор на "SpaceX" и најбогатиот човек на светот има 13 деца, меѓу кои и ќерка која се откажа од него, тврдејќи дека бил суров кон неа во детството и не сакал да го прифати нејзиниот трансродов идентитет.

Вивиан Џена Вилсон, која има само 20 години, изјави дека била „постојано малтретирана“ поради својата женственост и квир-идентитет, додавајќи дека нејзиниот татко бил „немарен и нарцисоиден“.