Глувците често се обидуваат да ги оживеат своите онесвестени роднини, покажува нова студија објавена во "Science", која сугерира дека луѓето не се единствените суштества со вродена склоност кон помагање на другите во неволја. Ова откритие покажува дека просоцијалното однесување има длабоки корени во еволутивната историја на цицачите.
Инстинктивна прва помош кај глувците
Во итни ситуации, луѓето инстинктивно пружаат прва помош. Но, досега не беше јасно дали и други видови покажуваат слично однесување. Две независни студии предводени од В.Сун и С.Сун покажуваат дека глувците имаат карактеристични реакции кон онесвестени припадници на својот вид, вклучувајќи мирисање, чистење, лижење на главата, па дури и влечење на јазикот од устата, што ги забрзува нивните шанси за закрепнување.
Клучна улога во ова однесување играат активирањето на невроните во медијалната амигдала и нивото на окситоцин во паравентрикуларното јадро на хипоталамусот. Овие резултати даваат нови увиди во невробиолошките механизми кои стојат зад ваквото просоцијално однесување кај глувците.
Функционира ли „првата помош“ на глувците?
За да го истражат ова, научниците ги следеле мозочните активности на глувците додека тие дејствувале како спасители. Забележале зголемена активност во делови од мозокот одговорни за неволни функции, како и интензивни хормонални сигнали што биле клучни за нивните итни интервенции.
Иако нивната техника на „прва помош“ вклучувала многу гризење, невронаучникот Венџијан Сун од Универзитетот во Јужна Калифорнија (USC) и неговите колеги откриле дека повлекувањето на јазикот од устата е всушност функционална техника, бидејќи ги отвора дишните патишта на онесвестениот глушец, овозможувајќи му побрзо да се освести.
Ефикасноста на овој метод потврдува друга неодамнешна студија, која идентификувала специфичен невронски механизам што го поврзува влечењето на јазикот со побрзо будење кај анестезирани глувци.
Свесно помагање или рефлекс?
Слични форми на помош меѓу животните веќе се документирани кај цицачи со поголеми мозоци, како делфини и слонови. Глувците се веќе познати по тоа што си помагаат меѓусебно во ситуации како заробување, но ова истражување е првото што детално ја проучува првата помош кај мали цицачи.
Научниците не можат со сигурност да кажат дали глувците свесно помагаат или нивното однесување е чисто инстинктивно. Сепак, фактот што тие продолжувале со обидите за оживување дури пет дена по првата средба со онесвестен глушец, укажува на тоа дека нивната реакција не е само резултат на љубопитност.
Глувците преферираат да им помагаат на познати припадници
Експериментите покажале дека глувците се посклони да помагаат на познати членови на својот вид отколку на странци.
„Оваа склоност кон познати припадници покажува дека животното не реагира само рефлексно, туку ги зема предвид контекстот и идентитетот на другиот глушец при формирање на својата реакција“, вели невронаучникот Џејмс Буркет од Универзитетот во Толедо, кој не бил вклучен во студијата.
Во своите експерименти, Сун и неговиот тим изложиле живи глувци на контакт со мртви, онесвестени или неподвижни припадници на нивниот вид, при што некои од нив биле познати, а некои целосни странци.
Во 50% од случаите, глувците ја користеле техниката на повлекување на јазикот, а сите глувци кои добиле помош закрепнале многу побрзо од оние што биле оставени сами на себе.
„Прво почнуваат со мирисање, потоа преминуваат на чистење, а потоа на интензивна физичка интеракција“, вели физиологот Ли Жанг од "USC" за "New Scientist".
„Тие буквално му ја отвораат устата на онесвестениот глушец и му го извлекуваат јазикот.“
Фасцинантно е што во 80% од случаите, глувците-спасители отстранувале предмети од устата на анестезираниот глушец, како да разбираат дека тие можат да бидат проблем. Истовремено, целосно ги игнорирале предметите што научниците ги ставале во други делови од телото, како ректумот или гениталиите.
Помагаат на онесвестени, но не и на заспани глувци
Интересно е тоа што глувците покажувале обиди за оживување кај онесвестени или мртви припадници, но не и кај оние кои само спиеле. Ова сугерира дека тие можат да разликуваат кога некој има потреба од помош.
Што се случува во мозокот на спасувачите?
Трета студија од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, покажала дека кога глушец ќе наиде на онесвестен припадник, во неговиот мозок се активира медијалната амигдала.
Кога, пак, глушецот е изложен на друг глушец под стрес, се активира друга област поврзана со емпатијата. Ова сугерира дека активностите поврзани со „првата помош“ и емпатијата се одделни процеси.
Сун и неговиот тим исто така откриле зголемени нивоа на окситоцин кај глувците кои пружале помош. Окситоцинот е хормон поврзан со социјалните врски, кој кај луѓето ја зголемува емпатијата и чувството на поврзаност.
Двата мозочни региони кои биле активни за време на ова однесување се добро познати по улогата во нега и грижа за други.
Невронаучниците Вилијам Ширан и Зои Доналдсон заклучуваат дека ова истражување потврдува дека импулсот за помош на други во екстремна неволја е присутен кај многу видови – а не само кај луѓето.