Познатиот музичар, 75-годишниот Били Џоел предизвика голем страв кај обожавателите откако драматично паднал на сцената во текот на неодамнешниот концерт.
Додека го пеел хитот „It’s Still Rock and Roll to Me“ во одморалиште во Конектикат, тој замавнал со микрофонот и го фрлил по што загубил рамнотежа и паднал на грб.
Претходно, добитникот на Греми го зел држачот за микрофон и го користел како бастун.
Членовите на бендот му помогнале на Џоел да стане, а потоа тој успеал да отпее уште една песна.
Видеото од падот стана вирално, а еден корисник на Х напиша: „Изгледаше изнемоштено додека чекореше на сцената. Беше болно да се гледа како го користи држачот за микрофон како бастун“.
Се огласија и дел од обожавателите кои присуствувале на концертот: „Бев навистина загрижен за него во текот на целиот концерт“.
„О, боже, се надевам дека ќе му биде подобро“, напишаа многу обожаватели.
Во текот на изминатите години Џоел отворено зборувал за неговата борба со злоупотреба на алкохолот и дрогата, како и за проблемите со менталното здравје, што во еден момент го доведе до обид за самоубиство.
„Мојата способност да продолжам со животот е она на што најмногу се гордеам. Имав тешкотии, но тоа никогаш не ме спречи да продолжам понатаму. Не сум огорчен за ништо, дури и кога ќе ме ограбат, простувам. Јас сум среќен човек“, изјави Џоел, чија славна кариера започна во средината на 1960-тите.
Били Џоел е еден од најпродаваните музички уметници во светот и четвртиот најпродаван соло изведувач во САД.