Денеска Елизабет Тејлор ќе го прославеше својот 93. роденден.
Актерката Елизабет Тејлор несомнено спаѓа меѓу оние кои оставиле длабока трага во Холивуд. Родена на денешен ден во 1932 година во Лондон, својот актерски талент го наследила од мајка ѝ, актерката Сара Сотерн, додека нејзиниот татко бил трговец со уметнички дела.
Нејзината кариера траеше повеќе од шест децении, а за тоа време не само што ја покажа својата безвременска убавина, туку и неоспорливиот талент за глума. Балет почнала да изучува уште на тригодишна возраст, но со почетокот на Втората светска војна, нејзиното семејство – како американски имигранти во Британија – се преселило во САД за да избега од воените конфликти во Европа. Така, Тејлор своето детство го поминала во Лос Анџелес.
Ѕвезда од најрана возраст
На филмското платно дебитирала на 10-годишна возраст во филмот There's One Born Every Minute, по што почнале да ѝ се отвораат вратите во филмската индустрија. Глумела и во Lassie Come Home и The White Cliffs of Dover, но улогата што ја катапултираше во ѕвездени височини беше онаа во филмот Национален кадифе (1944), кога имаше само 12 години.
За разлика од многу детски ѕвезди, Елизабет успеа да направи успешен премин во возрасните актерски улоги. Сепак, нејзиното рано впуштање во светот на славата имаше цена – многумина веруваа дека пропуштила дел од детството. На 16 години размислувала да ја напушти актерската кариера, но нејзината мајка ја убедила да продолжи.
Магијата на виолетовите очи
Освен по својот талент, Тејлор беше позната и по уникатните виолетови очи и густите црни трепки, кои ја правеа незаборавна. Според LiveScience, специфичната боја на нејзините очи се должела на ретката количина меланин во ирисот.
Офталмологот Норман Сафра објаснува дека нијансите на сина и сива можат да создадат впечаток на виолетова боја, а дополнителен ефект имала и апсорпцијата на светлината во нејзините очи.
Љубовниот живот: Седум бракови и многу скандали
Елизабет првпат кажала „да“ на 18-годишна возраст, стапувајќи во брак со Конрад „Ники“ Хилтон Јуниор. Сепак, нивниот брак не траел долго – се развела само една година подоцна поради неговите проблеми со алкохолот и насилничкото однесување.
Во 1952 година се омажила за британскиот актер Мајкл Вајлдинг, но и овој брак завршил со развод по четири години. Веќе во 1957 година стапила во брак со познатиот режисер Мајк Тод, но нивната љубов трагично завршила кога тој загинал во авионска несреќа две години подоцна.
Наредниот брак со пејачот Еди Фишер бил еден од најконтроверзните – бидејќи тој се развел од својата тогашна сопруга за да биде со Елизабет, таа добила етикета на „уништувачка на семејства“.
Во 1964 година се омажила за актерот Ричард Бартон, со кого имала бурна љубовна приказна. Тие се разведоа во 1971 година, но четири години подоцна повторно се венчаа. Сепак, нивниот втор брак заврши истата година.
Подоцна се омажила за Џон Ворнер, а во 1991 година за Лери Фортенски, од кого се развела во 1996 година. Од сите овие бракови, Елизабет Тејлор имала четири деца.
Мрачни семејни тајни
Синот на Тејлор, Кристофер, кој го добила од бракот со Мајкл Вајлдинг, во биографијата за својата мајка открива вознемирувачки детали за нејзината борба со алкохолизмот и зависноста од лекови.
„Ме повика во нејзината соба и ми побара помош. Веќе беше под влијание на нешто, ми покажа на едно место на бутот и ме замоли да ѝ дадaм инјекција“, сведочи тој.
Со текот на годините, нејзиниот алкохолизам и зависноста од лекови станале сериозен проблем, што оставило трајни последици врз нејзиното семејство.
Опсесија со дијаманти
Елизабет Тејлор беше позната по љубовта кон скапоцените камења. Во нејзината колекција имаше неколку ретки дијаманти, меѓу кои и оној од 33 карати. Третиот сопруг, Мајк Тод, ѝ подарил дијамантска тијара што ја носеше на доделувањето на Оскарите во 1957 година.
Освен подароците од сопрузите, Тејлор сама си купувала скап накит.
Последните години и трагичниот крај
По низа актерски успеси и турбулентен љубовен живот, здравјето на Елизабет почнало нагло да се влошува. Преживеала тумор на мозок, двапати боледувала од пневмонија, се борела со рак на кожата и имала сериозни срцеви проблеми. Последните години ги минала во инвалидска количка поради проблеми со колковите.
Во февруари 2011 година, била примена во болница поради конгестивна срцева слабост. Неколку недели подоцна, на 23 март 2011 година, починала на 79-годишна возраст.
Нејзиниот син, Мајкл Вајлдинг, се простил од неа со зборовите:
„Мајка ми беше извонредна жена која го живееше животот во потполност, со голема страст, хумор и љубов... Секогаш ќе бидеме инспирирани од нејзиниот траен придонес во нашиот свет.“