Израелската војска го објави првиот официјален извештај за грешките што доведоа до неуспех за време на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, кој ја предизвика војната во Газа. Во извештајот се заклучува дека израелските одбранбени сили (ИДФ) „не успеале во својата мисија да ги заштитат израелските цивили“.
Документот од 19 страници во голема мера ги потврдува веќе познатите факти за причините за катастрофалната загуба на околу 1.200 животи, кога приближно 5.000 вооружени членови на Хамас и други палестински групи го нападнаа Израел, земајќи 251 заложник во Газа.
Иако не дава драматични откритија, извештајот јасно покажува како израелската војска погрешно ги проценила намерите на Хамас и ги потценила неговите способности.
Потценување на заканата од Газа
Израелската војска ја сметала Газа за секундарна безбедносна закана, а главна закана биле Иран и Хезболах. Нејзината политика кон Газа е опишана како „парадоксална: Хамас беше нелегитимен, но немаше обид да се развие алтернатива“.
Војската избрала пристап за „управување со конфликти“ кон Газа и претпоставувала дека Хамас „не е заинтересиран ниту се подготвува за војна од големи размери“, перцепција дополнително засилена со тактиката на измама на Хамас.
Доказите од 2018 година сугерирале дека Хамас, кој се смета за терористичка организација од Израел, САД, Велика Британија и други земји, развива амбициозен план, но тој бил протолкуван како „нереален или неостварлив“ и бил сфатен како „долгорочна амбиција на Хамас, а не како конкретна закана“.
Во месеците пред војната, Управата за разузнавање на израелската армија почнала да развива нова процена, според која планот на Хамас не бил само визија, туку „конкретна рамка за оперативно планирање“. Сепак, оваа нова процена не им била соопштена на високите службеници на военото разузнавање.
Недостаток на критичко преиспитување
Извештајот идентификувал широко распространето самозадоволство во војската во врска со намерите на Хамас и начинот на справување со заканата. „Никогаш немало сериозна дискусија за прашањето: Што ако грешиме?“, пишува во извештајот.
Со текот на времето, се развил „значаен и континуиран јаз помеѓу разузнавачките проценки за Хамас и реалноста“. Извештајот, исто така, укажа дека дошло до „намалување на длабочината на разбирањето на светогледот на непријателот, вклучувајќи ја културата, религијата, јазикот и историјата“.
Ова е причината зошто се повикува на длабоки реформи во военото разузнавање за да се поттикне „интелектуална отвореност, скептицизам, слушање, учење, дебата и конструктивно несогласување“.
Доцнење со подигање на нивото на тревога
Во извештајот се вели дека желбата да се заштитат вредните разузнавачки извори придонела за неуспехот на војската да го подигне нивото на тревога непосредно пред 7 октомври. Исто така, признава дека дивизијата на ИД задолжена за Газа „била практично поразена неколку часа“ на 7 октомври, што значително ја нарушило нејзината способност да разбере што се случувало и соодветно да одговори.
Израелските воздухопловни сили реагираа брзо, но имаа „значителни тешкотии да разликуваат војници на ИД, цивили и терористи“. Извештајот, исто така, открил дека во некои случаи ранетите војници биле евакуирани пред цивилите.
Одговорност на военото раководство
По презентирањето на наодите пред командантите во понеделникот, началникот на Генералштабот на ИД во заминување, генерал-полковник Херзи Халеви, ја презеде целосната одговорност за неуспесите.
„Јас ја преземам одговорноста. Моја е. Јас бев командант на армијата на 7 октомври и имам своја, но и ваша одговорност. Сметам дека таа е и моја. И во секоја наредба што тргна наопаку, јас имам свој дел“, рече тој во видеопораката.
Минатиот месец Халеви ја објави својата оставка поради неуспехот да ги спречи нападите и повика на формирање на истражна комисија, која ќе спроведе поширока анализа и ќе помогне да се спречат нови напади.
Нетанјаху одбива да ја преземе одговорноста за пропустите
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој не призна никаква одговорност за неуспесите на 7 октомври, рече дека државната истрага треба да почека до крајот на војната. Неговите критичари го обвинуваат дека одбива да признае каква било лична одговорност.
Војната во Газа и бројот на жртви
Израел одговори на нападот на 7 октомври со покренување воздушна и копнена офанзива врз Газа, при што, според Министерството за здравство под контрола на Хамас, беа убиени најмалку 48.365 луѓе.