Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета со амбасадорот на Република Бугарија, Жељаско Радуков.
На средбата се разговараше за плановите и начините за продлабочување на полициската соработка преку склучување акциски план или програма за соработка помеѓу двете министерства.
Во планот ќе се ревидираат планираните и веќе почнатите активности и се планира почнување нови.
Министерот Тошковски преку оваа средба го покани новоименуваниот бугарски министер за внатрешни работи, Даниел Митов, во официјална посета на Македонија и МВР, посета што би била од силно значење на натамошно зајакнување на соработката во полето на безбедноста.
Двете страни изразија заеднички став дека од суштинско значење е да се продолжи да се работи на граничната и безбедносната соработка, релација што ќе придонесе и во надминување на предизвиците што постојат меѓу двете страни.