Граѓаните што имаат потреба од уверение за остварен приход, за да го извадат документот, повеќе не мора да одат на шалтерите на Управата за јавни приходи (УЈП) оти услугата е достапна електронски. Директорката Елена Петрова вели дека корист од дигитализирањето на услугата ќе имаат граѓаните што нема да чекаат на шалтерите, но и УЈП, оти системот автоматски ќе ја врши работата што за завршувале 29 службеници.
„Придобивките за граѓаните се добивање на уверението без физичко доаѓање на шалтерите во УЈП, без чекање во редови, за помалку од пет минути, со само неколку клика на компјутер или на мобилен уред, во кое било време. Освен граѓаните и УЈП, има и други придобивки од новиот процес бидејќи новата услуга ќе ослободи од други работни задачи речиси 30 вработени во УЈП. Ако просечниот број издадени уверенија на шалтер на годишно ниво е приближно 31.000, а вработените трошат во просек ефективно во просек околу два часа работно време за изработка на уверението, заштедата на УЈП е речиси 62.000 работни часа годишно и ова значи дека новата услуга ќе ослободи од други работни задачи 29 вработени во УЈП, чија работа изразена во работни часови изнесува речиси 62.000 часа годишно“, вели директорката Петрова.
Процесот е целосно автоматизиран и во најголем број случаи уверението е ослободено од плаќање административна такса, но кога е за определени цели, се наплаќа 100 денари и самиот процес на плаќање на таксата е целосно интегриран во автоматската процедура.
Директорката Петрова нагласи дека уверението е целосно усогласено со законот и правилникот за електронски документи, што обезбедува целосна доверливост и правна сигурност на документот што го издава УЈП. Услугата користи електронски временски жиг и QR-код со линк за пристап до оригиналниот електронски документ, што овозможува лесна верификација на неговата валидност.
Петрова вели дека електронското уверение е прва фаза од поголем реформски проект на УЈП, со кој во блиска иднина и другите уверенија и потврди што ги издаваат ќе станат електронски документи и ќе се администрираат бесконтактно и безхартиено. Со ова УЈП поставува нова нормала за управување со даночните услуги.