Буданов: Третата светска војна почна

Макфакс

27/02/2025

14:32

6.474

Големина на фонт

а а а

Третата светска војна веќе е во тек бидејќи руско-украинската војна ги вклучи повеќето развиени земји во светот, изјави денеска шефот на украинската воена разузнавачка служба, Кирило Буданов, пренесува „Укринформ“.

„Ова е филозофско прашање. Зависи како гледате на тоа. За мене, тоа е трета светска војна, вклучено е апсолутно мнозинство од најсилните и најразвиени земји во светот, тоа е само факт“, рече Буданов на новинарско прашање дали војната во Украина може да се смета за трета светска војна.


На прашањето на новинарите што може да му помогне на украинското општество да го подигне моралот, тој рече дека се потребни победи.

„Одговорот можеби е малку непријатен, но овој одговор постои илјадници години. Уморното општество оживува и се буди само кога има победи. Кога нема победи, што и да направите нема да помогне. Значи, потребни се победи, дипломатски, воени, социјални, политички, но – победи“, рече Буданов.


Украинскиот портал наведува дека претходно и поранешниот врховен командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, изјавил дека војната може да се смета за трета светска војна, особено откако Северна Кореја „директно влегоа во војната како сојузници на Русија“.